Зошто, по ѓаволите, пораснав?

Да, зошто пораснав? Требаше онаа вечер да ги послушам Петар Пан, Венди и Ѕвончица и да заминам со нив за Недојдија. Да станам еден од Изгубените момчиња. А сега што? Не сум веќе момче, остарев, а секако сум изгубен среде лудилото не бесмислата. Таму, во Недојдија, единствена вистинска опасност е капетанот Кука. Носи меч и многу лошотија. Ама по него секогаш оди оној крокодил со намера да му ја изеде злобата. Тој крокодил е совеста. Овие денес што рушат и убиваат, очигледно немаат крокодил кој ги следи како совест што може да ги изеде. Овие се пострашни од сите измислени стравотии од приказните за деца. Да, оплескав, не требаше да пораснам.

Оти така се залетав? А можев да изберам. Ги имав Пипи, Дороти и Хајди, можев со која сакам да заминам. Во вилата Вилекула, во Оз или на планина, можев да си изберам волшебна приказна, ама јас се вљубив во таа совршена насмевка од третата клупа и останав тука за да продолжам да се вљубувам. И го правев тоа успешно со сета поетска сила, ама не забележав дека љубовта на секој чекор јаде ќотек од користољубието, злорадоста и потребата да се пика нос во туѓа интима. Не си сигурен кога некој налудничав, алчен и злонамерен ќе ти ја грабне смислата, ќе ѝ ја затне устата и ќе ја продаде на бесмисленоста, менувајќи ѝ ги идентитетот и суштината. Денес веќе не се важни идентитетот, суштината и љубовта, туку интеграцијата во безумноста, формата на алчноста и омразата кон сопствената приказна, оти како и сите испразнети од духовност, ја посакуваме туѓата.

Кај ми беше паметот? Можев да останам со Том Соер и Хаклбери Фин, па да продолжам да пловам по Мисисипи од фантазијата, а јас се залетав по модерните апсурди на бетонската цивилизација. Во Мисисипи од фантазијата е невиноста на авантурите низ дивината, а сега и тука, вообразената цивилизација ми продава вредности под чија брендирана облека се кријат насилен варваризам, дотерано лицемерство и окови за фантазијата, па им робуваш на оние што сакаат насила да ти ја наметнат нивната слобода. Окован си во прангите на медиумската дезинформираност, експертската ограниченост на интелектуалната бижутерија и фрустрираната злорадост на политичката травестија. И во мигот кога ќе се свестиш, јасно ти е дека со една нога си во гроб, додека другата ти е приклештена во заблудите на фарсата, па започнуваш да се каеш што не си изгради своја вила Вилекула, покрај Мисисипи од фантазијата среде земјата наречена Недојдија.

Русјаков, нешто си ми западнат во патетична депресија?

Ма јок, патетичната депресија е темел за совршена поезија, јас сум закопан и тонам во живиот песок на зрелоста. Кој, по ѓаволите, ме натера да созреам? Ѓаволот ме заеба нудејќи ми ги стабилноста и мудроста на зрелоста. И еве сега, веќе ништо вистински не ме допира, не ме радува. Возрасен меѓу возрасните, ниту јас сакам да ги разберам, ниту тие можат да ме разберaт.

Аман, што ти е?

Вистинското прашање е што не ми е. На пример, не ми е гајле ако светот заврши во нуклеарна експлозија. Збогатениот ураниум може многу да помогне околу осиромашената духовност поради вообразената глупост на телесниот комформизам и умствената алчност, но и осакатената духовитост од политичката коректност на празноглавиот елитизам. Ако веќе гадно ја оплескав што пораснав, можеби треба да почнам да кркам пејоти, аманита, магарешки трн и други халуциногени заебанции за полесно да си го објаснам она што ми го продаваат како ум, зрелост, реалност, вредност и напредок.

Можеби стварно треба да си подметнам дрога во пијачката, да си изрендам пејоти во апсинтот. На тој начин, соочен со оваа стварност што ми ја наметнуваат, ќе станам совршен соговорник. Веќе можам да се видам среде сериозна дебата за сето она што ја возбудува јавноста. Патем, јавност е една крајно сериозна институција. Се појавува во реченични форми како „јавноста има право“ и „под притисок на јавноста“, што му доаѓа нешто налик на „ќе ви се случи народ“ или „политичката реалност налага“. Мојот изопачен и измрцварен ум кога ќе се соочи со овие сериозни реченични форми, веднаш ги напикува во иста чаша, од нив прави опасен коктел во кој си ја подметнувам дрогата и потоа лесно заклучувам, народот е јавност која вообичаено ми крева притисок со политика и тогаш сакам да им се случи она што реално заслужуваат, значи имаат право да се носат во… и така натаму.

Тоа што се однесува до севкупната јавност. Над неа лебди онаа експертската. Е, тука јас и моите халуцинации влегуваме во дебата со експертите на реалполитиката. Добре дојдовте во нашата емисија, вели водителот, преставник на медиумската дезинформираност, вечерва со нас ќе дебатираат политичкиот аналитичар и експерт, професор доктор Тој и Тој и писателот и колумнист… Не, не, го прекинувам, батали писател и колумнист, само наркоман, доктор по опасни халуциногени супстанции.

Водителот му дава збор на експертот. Видете, започнува претставникот на интелектуалната бижутерија, ако сакаме да ги прифатиме западните вредности, мора да се соочиме со политичката реалност и да слушнеме кога Руте, Калас, Фон дер Лајен, Кос и Кошта ни велат, доколку сакаме да се интегрираме во европското семејство, мора да се држиме до преговарачката рамка, тоа е големата слика. Потоа упаѓам јас со својата експертиза. Видете, се искашлувам со избезумена сериозност, европските вредности рипнаа на берзата на лицемерноста, а тоа многу го разлути мојот пурпурен слон на кој јавам низ реалноста и тој замавна со сурлата, па ја искрши рамката на големата слика што ми е врамена во подрумот на потсвеста, по што од таа слика побегнаа Руте и Кошта за некаде на раат да формираат семејство и јас останав насамо да се соочам со Урсула, Каја и Марта и немам сега време да ви кажам каде се интегриравме бидејќи доцнам на друга дебата.

Од политичка, упаѓам среде дебата со трендсетери, инфлуенсери и активисти. Трендсетерот ми вели дека треба да бидам модерен, дел од модерна нација, да зборувам модерен јазик. Инфлуенсерката ми вели дека треба да се ослободам од врховизам и да го прифатам бугарското влијание. Активистката ми објаснува дека сега, модерен и дотеран, ќе одиме на парадата што ја организира познатиот ЛГБТИ-калифат, само да не дојде оној фашистот, комшијата Христо и да ја уништи забавата. Јас под влијание на халуцинациите, ремчето на мојот ирски сетер што не постои, по грешка му го ставам на трендсетерот, па ѝ го давам на активистката да го прошета и потоа ѝ се вртам на инфлуенсерката со муабетот, ајде со мене на романтично патување, ќе го јавнеме мојот пурпурен слон и ќе одиме да најдеме богат ураниум и низ овие духовно сиромашни предели да креваме печурки додека боите не се растопат. Порасни, ми вели вештачката интелигенција интегрирана во природно глупавата стварност. Тоа веќе го направив и се заебав, одговарам.