Анализа
Израел свесен за непоколебливата американска поддршка, очигледно дека нема да отстапи додека Вашингтон не му каже да го стори тоа и до каде да го стори тоа. А се разбира и дека, покрај поддршката на Москва или Пекинг, државите на Блискиот Исток не сакаат да се впуштат во директен конфликт со САД, бидејќи знаат дека „каде што големите се тепаат, тревата страда“. Можеби одвреме-навреме ќе има „препирки на тревата со некое помало слонче“ (Израел), но на тоа ќе се заврши, велат консултираните аналитичари.
Во пресрет на новата поделба на светот на сфери на интерес и контекстот на мултилатерализам, големите сили секако „ги покажуваат мускулите, обележувајќи ги новите меѓи на Земјината топка“
Со кампањата врз Иран, САД повторно ја презедоа „глобалната стратешка иницијатива/палка“ и сега тие сметаат дека полека го преземаат светското лидерство, на свој начин, сметајќи дека сега трчаат пред Кина и Русија. Имено, западните аналитичари сметаат дека „САД сега сметаат дека Пекинг и Москва треба да се приспособуваат на потезите што ги влече Вашингтон“. Според американските аналитичари, токму ваквото наметнување темпо е „поповолна позиција“ бидејќи овозможува „развој на сопствените стратешки позиции и однапред блокирање на стратешките позиции на другите“. Други анализи, пак, се на становиште дека „не е сè толку едноставно и сѐ уште има предизвици за менаџирање“.
Една стара мудрост вели дека е „лесно е да се дојде до врвот, но задржувањето на лидерското место е – вистински предизвик“.
Во приоритетите на стратегиските калкулации и комбинаторики на Вашингтон – Египет!
Според аналитичарот Зоран Метер од „Геополитика“, еден од најголемите американски стратешки партнери во регионот на Блискиот Исток од редот на арапските земји е секако Египет (други аналитичари тврдат дека прв недвосмислено е Јордан).
Сепак, по доаѓањето на власт во Египет на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси (со воен удар, при што беше соборен краткотрајниот претседател и лидер на поранешното радикално исламистичко движење, Муслиманското братство, подоцна законски забрането движење во Египет – Мохамед Морси, кој дојде на власт на изборите во 2012 година. На тоа претходеше добропознатата револуција Арапска пролет, во која беше соборен долгогодишниот претседател Хосни Мубарак) – односите меѓу Каиро и Вашингтон станаа значително поумерени.
Ал-Сиси се зафати со нова диверзификација на египетската надворешна политика, повторно воспоставувајќи добри политички, трговски и инвестициски односи со Русија (Русија исто така ја гради својата прва нуклеарна централа во близината на големиот медитерански град Александрија), вклучувајќи воено-техничка соработка, иако САД остануваат најголемиот финансиер и снабдувач со оружје на Египет.
За издвојување е дека Египет ги подобри и своите односи со Иран, кои дотогаш беа многу лоши и оптоварувачки за односите во регионот, додека во исто време речиси ги прекина дипломатските односи со Анкара, со оглед на тоа што претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, имаше исклучително пријателски односи со соборениот (потоа и осуден и затворен) Морси, кој почина во затвор, и го мразеше Сиси за она што го стори. Ердоган никогаш не му прости на Ал Сиси за тоа, ниту пак го призна неговиот авторитет. Бидејќи покрај фактот дека Турција, а лично и Ердоган (заедно со Катар), е земјата што најмногу го поддржува суштински панисламското (не панарапското) радикално движење Муслиманско братство, преку кое Ердоган се обиде да ја врати старата слава на поранешната моќна Отоманска Империја во многу арапски области (вклучувајќи ги Египет, Сирија и Ирак), Морси беше соборен со воен удар организиран под водство на Ал Сиси, кој тогаш беше маршал на египетската армија.
По пучот беа распишани претседателски избори, на кои поранешниот воен маршал победи убедливо, а односите меѓу Каиро и Анкара беа сведени речиси на – нула. Двете земји веројатно ќе војуваа доколку не беа спречени во тоа од фактот што обете имаат големи и моќни армии (египетската е дефинитивно најсилна од сите арапски земји, а Турција е исто така членка на НАТО, па дури и да сакаше, втората никогаш немаше да ѝ даде „амин“ за такво нешто и ќе останеше без поддршка од НАТО во нејзината авантура, што би било пат кон загарантиран меѓусебен пекол меѓу двете земји).
Значи, „заглавен во ќош“, Ердоган беше првиот што тргна по патот на нормализирање на односите со Египет во последните години (тој беше првиот што ги уништи, па затоа овој прв чекор беше негов), а лично пристигна во државна посета на Каиро – и обратно (подоцна Сиси во Анкара). Тоа не се случи поради ненадејно лично пријателство меѓу лидерите на двете големи земји и народи, туку исклучиво поради сè посложената регионална и глобална геополитичка ситуација – бидејќи, како што обично се случува, никогаш не постои вистинско и долгорочно гарантирано пријателство меѓу кои било земји, туку само национални интереси.
Овој опширен преглед на политичкиот пејзаж на современ Египет беше неопходен за подобро разбирање на актуелните становишта на САД кон Блискиот Исток.
Осуда на официјално Каиро за нападите на САД врз Иран, но на фин, дискретен начин
Египет изрази „длабока загриженост“ поради најновите случувања во Иран по нападите на САД врз нуклеарните постројки на земјата, објави саудискиот медиум „Ашарк ал-Авсат“. Каиро ја осуди растечката ескалација, предупредувајќи на нејзините сериозни последици за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност.
Иако соопштението на МНР на Египет не се однесуваше директно на САД, египетски дипломатски извор за саудиските медиуми изјави: „Не треба да објаснуваме што е добропознато. Соопштението на Министерството за надворешни работи ја осуди ескалацијата по бомбардирањето на САД. Секој знае дека Египет мислеше на постапките на Вашингтон, а не на другите“.
Во врска со ваквиот дипломатски и „со поусул речник на Египет“, д-р Амр Ал-Шобаки, експерт во центарот за политички и стратешки студии „Ал-Ахрам“, рече дека Египет има силен стратешки сојуз со САД. Сепак, тензиите неодамна се зголемија, откако американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше Египет да ги прифати раселените Палестинци од Појасот Газа. Во саботата вечер, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси разговараше по телефон со својот ирански колега Масуд Пезешкијан, соопшти египетското претседателство. Сиси изрази целосно отфрлање на Египет во тековната ескалација на Израел со Иран.
Саудиска Арабија надвор од случувањата?!
Најважната арапска земја – Саудиска Арабија, која е клучна и претставува сѐ што Израел сака повеќе од сè друго – засега е отсутна од овој процес (Египет воспостави односи со Израел уште во 1978 година преку договорите од Кемп Дејвид, со посредство на тогашниот американски претседател Џими Картер).
Израелската операција во Газа го наведе Ријад да ги запре сите понатамошни обиди за потпишување меѓусебно признавање, згора на тоа – го поврзува со израелското признавање и воспоставувањето палестинска држава.
Но, и покрај тоа, за првпат беше видливо дека ставот на арапските земји кон Израел се промени видливо по неговата најнова голема воена операција во Газа (која всушност, со деескалации и ескалации, трае веќе две и пол години).
Така, арапските земји за првпат речиси едногласно и силно ги осудија израелските постапки. Покрај тоа, тие иницираа разни предлози за антиизраелски резолуции во ОН (како онаа за признавање на палестинската држава, која на крајот беше усвоена, предизвикувајќи го гневот на Израел, но не на главно место – во Советот за безбедност поради американското вето), а исто така го запреа и понатамошното ширење на таканаречените Авраамови договори.
Ако арапските земји принципиелно се обединија преку еден став, зошто не изреагираа пожестоко, унисоно?
Навистина, многу аналитичари во врска со израелската интервенција во Газа гласно го поставуваа прашањето зошто арапските земји и Турција во пакет не реагираа поостро против Израел. Нивниот број (голема демографска супериорност во споредба со Израел, а во некои случаи и со голема воена сила, на пример Турција или Египет) би го овозможил таквото нешто. Еве и друга дилема. На пример, зошто Арапите едноставно не прогласат забрана за извоз на нивната нафта во светот за одреден временски период додека Израел не се смири, бидејќи тоа, наводно (според аналитичарите), би го принудило Вашингтон да изврши притисок врз израелската влада да го запре она што го прави итн. (во овој контекст за споменување е дека дури Турција, чиј претходно споменат претседател негува силен антагонизам спрема Израел и Бенјамин Нетанјаху, сè уште дозволува испорака на азербејџанска нафта преку цевковод низ Турција до Израел).
Според аналитичарот Зоран Метер од „Геополитика“, одговорот на ваквите прашања се сведува главно на фактот дека оние што ги поставуваат (и редовно веднаш даваат инстантни одговори), премногу ги поедноставуваат работите и ги толкуваат дека „сите тие се првенствено фокусирани кон желбата за пари“. (?!)
– Ако го игнорираме фактот дека Израел поседува нуклеарно оружје (иако нема вистинска потврда или признание за тоа, оправдано се претпоставува, меѓу другото и затоа што е една од четирите земји што, за разлика од Иран, не се потписнички на Договорот за неширење нуклеарно оружје), што е секако важен фактор, одговорот што го давам во оваа пригода не се сведува на претходно споменатата луда алчност за пари, иако тој елемент е несомнено присутен! Но, во никој случај не е толку доминантна или одлучувачка за опортунистичкиот став на блискоисточните држави, кои се важни на регионално, а некои сè повеќе и на глобално ниво. Работата е оваа.
Сите богати арапски монархии (со исклучок на Египет, кој е исто така република и има исклучително богата античка историја (иако Стар Египет нема никаква врска со Арапите како етничка група, што е темел на денешното силно национално чувство и единство), се во суштина многу кревки државни формации, создадени по распадот на Отоманската Империја на крајот од Првата светска војна со цртање гранични линии од страна на моќните западноевропски сили – вели аналитичарот Метер и се префрла на теренот на националниот идентитет како темел!
Идентитетот на нацијата е историски монолит за сегашноста и иднината, а арапските земји се дефицитарни со „силен идентитет“!
– Ниту една од овие земји нема силен национален идентитет, многу од нив сè уште се „украсени“ со бедуини и други номадски племиња (бедуините не се Арапи, туку посебен антички народ) и во основа државите се сведени на владејачки династии!
И во тоа лежи загатката, која тие добро ја знаат. Израел, со речиси еден воздушен напад врз кралските палати и со ликвидирање на локалните монарси и племенските елити на богатите арапски монархии, во буквална смисла на зборот, може да ги сруши тие земји како кула од карти во еден момент – издвојува аналитичарот Зоран Метер.
Зошто Иран е сосема различен од оваа група држави?
Секако, со Иран е сосема спротивното, издвојува аналитичарот Метер во „Геополитика“.
– Древната персиска цивилизација, каква што беше, остана национално доминантна (персиска или иранска, што е само прашање на промена на името, а не на етничката припадност), со голема традиција на државност и национална гордост. Затоа, за разлика од арапските држави со кои нема поголеми проблеми, Иран е премногу тврд орев за Израел да го скрши без помош на САД – што беше очигледно и се случи.
Секако, нападот на САД врз Иран не значи колапс на Техеран, туку акт што би можел да влијае на целиот регион, па и многу пошироко. Исто како и со Иран, секако, е и со Турција – како наследник на Отоманската Империја.
Сила бога не моли
Ете затоа премолчниот став на арапските земји и нивната апстиненција од заедничка (унисона и пожестока реакција) е всушност само последица на нивното сфаќање дека „тие се следни на ред за погубување“ од страна на САД, доколку не се синхронизираат (отстапат) пред надворешната политика на Израел.
За потсетување, распаѓањето на Ирак, Либија и Сирија, првенствено како резултат на американската политика (интервенција во Ирак поради, наводно, на крајот непостојно хемиско оружје во 2003 година), а потоа минатата година во Либан преку елиминирањето на заканата од страна на Израел од проиранскиот шиитски Хезболах – и конечно израелскиот напад врз Иран (врз основа на наводното постоење на иранско нуклеарно оружје, т.е. неговата воена нуклеарна програма, која никогаш не беше потврдена дури ни од Меѓународната агенција за атомска енергија, туку од американските разузнавачки служби, што директорката на чадорската разузнавачка организација Тулси Габард го изјави на конгресното сослушување минатата недела) – јасно укажува дека Израел има отворена и безрезервна поддршка од најголемата воена сила. Така, Израел свесен за непоколебливата американска поддршка, очигледно дека нема да отстапи додека Вашингтон не му каже да го стори тоа и до каде да го стори тоа. А се разбира и дека покрај поддршката на Москва или Пекинг, државите на Блискиот Исток не сакаат да се впуштат во директен конфликт со САД. Бидејќи знаат дека „каде што големите се тепаат, тревата страда“. Можеби одвреме-навреме ќе има „препирки на тревата со некое помало слонче“ (Израел), но на тоа ќе се заврши, велат консултираните аналитичари.
Во пресрет на новата поделба на светот на сфери на интерес и контекстот на мултилатерализам, големите сили секако „ги покажуваат мускулите, обележувајќи ги новите меѓи на Земјината топка“. Р.С.