АТЛЕТИКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ТРЕТА ДИВИЗИЈА
Македонската атлетска репрезентација го оствари најдобриот пласман досега, осмото место, беа соборени вкупно четири национални рекорди, како и десетици лични рекорди
Македонскиот атлетичар, десетобоецот Огнен Стефановски, го собори најстариот македонски атлетски рекорд, во дисциплината скок со стап, кој изнесуваше 3,9 метри, а беше поставен во Ливорно во 1968 година од Владимир Карер. Стефановски прескокна 4,05 метри, освојувајќи го шестото место на Европското тимско првенство (ЕП), Трета дивизија, кое во два дена се одржа во словенечкиот град Марибор.
Стефановски најдобриот личен скок во оваа дисциплина го 4имаше остварено во јануари годинава, кога прескокна 3,8 метри. Лани тој го собори и рекордот во скок со стап во сала, прескокнувајќи 3,65 метри, кој беше неприкосновен цели 55 години.
На ЕП 2025 во Марибор први места за Македонија освоија Дарио Ивановски во трката на 5.000 метри, потоа Андреас Трајковски во скок во далечина со резултат од 7,83 метри и машката штафета 4х100 метри, во состав Михаил Петров, Јован Стојоски, Марко Алексовски и Андреас Трајковски, кои со време од 40,89 секунди поставија нов македонски рекорд во оваа атлетска дисциплина.
Постигнати беа и други забележителни остварувања. Па така, во првиот ден Брајан Авиа освои бронза во скок во височина со личен рекорд, со скокот од 206 сантиметри, Миљана Ристиќ постави нов национален рекорд во трката на 3.000 метри стиплчес со време 11:49,49 минути, а во вториот ден, кој исто така беше многу успешен за македонските атлетичари, Теа Алексовска постави нов младински рекорд во фрлање кладиво (38,74 метри), информира Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
Македонската атлетска репрезентација имаше историски настап на ЕП 2025 во Марибор. Со вкупно освоени 270,5 бода, таа го оствари најдобриот пласман досега, осмото место. Ако се сумираат сите резултати, а беа соборени вкупно четири национални рекорди, како и десетици лични рекорди, Македонија испрати јасна порака дека атлетиката живее, напредува и создава иднина, пишува АФМ. Г.И.