ФУДБАЛ
Репрезентации од три земји и годинава ќе ги освојат младинските фудбалски титули во Европа. На шампионатот за фудбалери до 17 години, одржан во мај и во јуни, победи селекцијата на Португалија, во финалето во категоријата до 19 години синоќа играа Шпанија и Холандија, а во натпреварот за титулата на Европското првенство (ЕП) за играчи до 21 година, в сабота, ќе се сретнат Англија (актуелен континентален првак во оваа младинска категорија, од ЕП 2023) и Германија (европски младински шампион во 2021 година).
Континенталните шампионати за фудбалери до 17 и до 19 години се играат секоја година, а тие за играчи до 21 година секоја втора. Од годините кога во една година се играа по три младински фудбалски првенства, во претходните 15 години, на пример, двапати победија селекции од две земји, и тоа во двата случаја Холандија и Шпанија. Во 2011 година Холандија славеше на Европското првенство за фудбалери до 17 години, а Шпанија на шампионатите за играчи до 19 и до 21 година, како што беше и во изданијата за 2019 година.
ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ПРВАЦИ ГОДИНАВА
до 17 г. Португалија
до 19 г. Шпанија или Холандија
до 21 г. Англија или Германија