Мицкоски и дебелите библиски крави

Настани, симболи, алузии

Кога од легендите би се вратиле во реалноста и кога би тргнале по некаква аналогија, Мицкоски ветува за наредните три години период на дебели и убави крави, кои доаѓаат по седумте слаби и грди крави од времето на владеењето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Тоа на некој начин го објаснува и самиот Мицкоски изјавувајќи дека по години на празни ветувања и перманентна политичка криза, Владата и тој не почнале од нула, туку од минус, од урнатини. Според него, наследиле систем што се кршеше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба, но не го оставиле својот дом во рацете на минатото. Затоа денес гледаат напред со увереност и срце полно надеж. Доаѓало времето кога ќе биле оживеани соништата, кога заедничка Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците – ќе се издигне посилна и посветла од кога било

Осоколен од славјето за 35-годишнината од партијата и што е една година на власт, охрабрен од резултатите и делата што службите педантно му ги сервирале, самоуверен и убеден во она што го зборува и работи, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, пред вратите на главната зграда во Македонија, наместо во Собранието, го сумираше првиот семестар од неговата четиригодишна професура во кабинетот на најмоќниот човек на државата. Свесен дека веќе станал број еден, дека воспоставил, ако не целосна, барем доволна контрола врз процесите во државата, дека тој е оној од кого се очекуваат не само намери туку и соодветни дела, Мицкоски го соопшти она што граѓаните сакаат да го слушнат и да му поверуваат. Толку колку што можат да му веруваат, знаејќи дека има што не му веруваат. Користејќи политичка реторика што не би се очекувала од машински инженер, внесувајќи свои емоции и уфрлувајќи туѓи, во одредени делови говорејќи повеќе како литерат, Мицкоски беседеше за нови духовни патишта, за изневерени надежи, за срца полни со надеж, за светла иднина што допрва доаѓа, посветла од кога било. За темели и височини, за нови политички приказни, за движење низ повеќе брзини, петта и шеста, ако може возилото да го издржи тој напон. И за сон за нова ера, метафора што афирмирала и градела лидери низ историјата и означувала сериозна пресвртница во многу земји во светот. Во таа смисла е главниот слоган на годишниот отчет заведен под паролата „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.

Меѓу најпознатите легенди за сонот секако е онаа запишана во Библијата, во Стариот завет, каде што се раскажува за сонот на египетскиот фараон. Накратко вака тече приказната. На втората година од владеењето сонил сон фараонот египетски како стои крај една река. И одеднаш – од реката меѓу трските излегле седум убави и дебели крави, па почнале да пасат на брегот, а по нив од реката излегле седум други крави, грди и слаби, и паселе со другите крави на брегот. И седумте грди и слаби крави ги изеле оние седум убави и дебели крави, и не се познавало дека ги изеле. Тогаш се разбудил потресен фараонот, но пак заспал. Потоа видел втор сон, а тоа – седум класје израснале од едно стебло, јадри и убави, а по нив израснале седум празни, исушени од ветар. Потоа празните и исушените класје ги изеле седумте големи и јадри класје.

Утредента, вознемирен во душата, фараонот наредил да бидат повикани сите гаталци, мудреци и толкувачи на соништа. Ниеден не знаел да му го објасни сонот, освен Евреинот Јосиф,синот на Јаков, основачот на Израел. А Јосиф бил во затвор. Откако го донеле пред фараонот, тој му ги објаснил нему соновите. Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класје се пак седум години, и двата сона се еден сон. Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години, и седумте класје празни и затенчени од ветар се седум години, ќе има седум години глад. Првин ќе дојдат седум години плодни, а по нив ќе настапат седум години глад. Кога ќе се појави гладот, нема да се знае дека порано имало изобилство, поради гладот што ќе дојде, оти ќе биде многу голем.

И му препорачал да се собира петтина од сите жетви во текот на седумте родни години, да собираат тие секаква зрнеста храна и во амбарите да се чува, да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат. Така и се случило. За седум родни години земјата родила во изобилство. По нив настапиле седумте гладни години, како што рекол Јосиф. Притоа од сите земји доаѓале да купат жито, зашто насекаде околу Египет го немало, Египет станал главна трговска земја, го зголемувал капиталот и го задржал стандардот на поданиците.

Тука некаде завршува приказната за седумте дебели и седумте слаби крави, за толкувањето на сонот и преземените мерки, легенда што и денес се зема за пример како една од најдобрите економски школи корисни како за државите така и за поединците. Врз основа на оваа еврејска економска „доктрина“ се водат пресметки за државни буџети, се прават планови за водење војни, се кројат семејно-домашни економии. Не е за неверување и фактот дека оттогаш се поставени и правилата на трговијата, дисциплина во која Евреите како поединци, од генерација во генерација, со векови се ненадминати од кој било друг народ. Оттаму е и поговорката „штеди за да имаш кога ќе немаш“.

Кога од легендите би се вратиле во реалноста и кога би тргнале по некаква аналогија, Мицкоски ветува за наредните три години период на дебели и убави крави, кои доаѓаат по седумте слаби и грди крави од времето на владеењето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Тоа на некој начин го објаснува и самиот Мицкоски, изјавувајќи дека по години на празни ветувања и перманентна политичка криза, Владата и тој не почнале од нула, туку од минус, од урнатини. Според него, наследиле систем што се кршеше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба, но не го оставиле својот дом во рацете на минатото. Затоа денес гледаат напред со увереност и срце полно надеж. Доаѓало времето кога ќе биле оживеани соништата, кога заедничка Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците – ќе се издигне посилна и посветла од кога било.

Опозицијата, добар дел од партиски неопределените граѓани, луѓе напарени од многу неисполнети верувања на претходните влади, не веруваат во убавите зборови на премиерот, забележувајќи му за лична и партиска нескромност и симптоми на мегаломанство. Опозиционерите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ги излажа граѓаните дека Македонија денес е држава во длабока економска и социјална криза, со пад на животниот стандард и осиромашени граѓани, СДСМ и ДУИ, кои го имаат изгубено кредибилитетот кај гласачите, ќе ги критикуваат владините програми и постапки. Ако не го прават тоа, се изложуваат на ризик од губење минимум контрола врз власта и од стравот од потенцијално одумирање од политичката сцена.

Премиерот Мицкоски веќе две години, една во опозиција, една на власт, е во петта и шеста брзина. Сѐ уште го хранат занесот и егзалтацијата од победата, иако му е јасно дека не се јаде сѐ што лета, не е злато сѐ што сјае. Сликата пред јавноста не секогаш е одраз на сликата зад затворените врати во блиндираниот кабинет. Ако во истиот кабинет, или негде на патот до него, стојат портретите на неговите претходници на тој престол, минувајќи ќе се присети дека речиси сите имале одлични резултати и соодветни успеси во првата година. И одлични ветувачки говори. Подоцна настанувале проблемите, подоцна паѓала цената на владата, а премиерите набрзина заминувале во егзил или во заборав.

[email protected]