Фото: ЕПА/Илустрација: „Нова Македонија“

Европската Унија останува цврсто посветена на мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток и го поздравува прекинот на непријателствата меѓу Израел и Иран, повикувајќи ги „сите страни“ да се придржуваат кон меѓународното право, да покажат воздржаност и да се воздржат од преземање дејствија што би можеле да доведат до нова ескалација.

Ова се наведува во делот од заклучоците на денешниот Самит на ЕУ посветени на состојбата на Блискиот Исток.

– Европската Унија отсекогаш била јасна дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да се здобие со нуклеарно оружје и дека мора да ги почитува своите правно обврзувачки обврски за нуклеарна заштита според Договорот за неширење на оружјето. Европската Унија ќе продолжи да придонесува во сите дипломатски напори за намалување на тензиите и за постигнување трајно решение за иранското нуклеарно прашање, што може да се постигне само преку преговори – се вели во заклучоците.

Во текстот се повикува и на итен прекин на огнот во Газа и безусловно ослободување на сите заложници, што, според лидерите на ЕУ, ќе доведе до траен прекин на непријателствата. Лидерите изразуваат и жалење за „тешката хуманитарна ситуација во Газа, неприфатливиот број цивилни жртви и степенот на глад“.

– Европскиот совет го повикува Израел целосно да ја укине блокадата врз Газа, да овозможи итен, непречен пристап и континуирана дистрибуција на хуманитарна помош во голем обем во и низ Газа и да им овозможи на ОН и нејзините агенции, како и на хуманитарните организации, да работат независно и непристрасно за да спасуваат животи и да го намалат страдањето. Израел мора целосно да ги почитува своите обврски според меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право – се нагласува во заклучоците.

Европскиот совет потсетува на императивот за обезбедување заштита на сите цивили, вклучително и хуманитарните работници, во секое време, како и на цивилната инфраструктура, вклучително и медицинските установи, училиштата и просториите на ОН и изразува жалење поради одбивањето на Хамас да ги ослободи преостанатите заложници.

– Европскиот совет го зема предвид извештајот за усогласеноста на Израел со Член 2 од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел и повикува да продолжат дискусиите за соодветни мерки, доколку е потребно, земајќи го предвид развојот на ситуацијата на терен – се вели во документот.

Лидерите на ЕУ ја повторуваат својата „силна осуда на ескалацијата на Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим“, предизвикани од зголеменото насилство на еврејските доселеници, ширењето на илегалните доселенички населби и израелската воена операција и одново повикува да продолжи работата за воведување понатамошни рестриктивни мерки против екстремистичките доселеници и субјектите, како и организациите што ги поддржуваат. Дополнително, се повикува и на дополнителни рестриктивни мерки против Хамас.

– Европската Унија останува цврсто посветена на траен и одржлив мир заснован на решението со две држави. Европската Унија е подготвена да придонесе во сите напори за ова решение и ги повикува сите страни да се воздржат од дејствија што ја поткопуваат неговата одржливост – се наведува меѓу другото во заклучоците.

Лидерите на ЕУ во документот го поздравуваат неодамнешното укинување на економските санкции кон Сирија, но потсетуваат и на важноста на мирна и инклузивна транзиција во земјата, без „штетно странско мешање“, заштитата на правата на Сиријците од сите етнички и верски заедници и на спроведувањето на транзициска правда и помирувањето.

Во заклучоците се осудува неодамнешниот терористички напад врз црквата „Мар Елијас“ во Дамаск и се повикува одговорните за овој чин да бидат повикани на одговорност.

– Независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија во рамките на безбедните граници треба целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право – се додава во заклучоците.

Лидерите ја реафирмираат и поддршката на Европската Унија за либанскиот народ и ги поздравува напорите на новите власти во Либан за стабилизирање на економската и безбедносната состојба.

– Ги поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на либанската држава и потсетуваме на фундаменталната стабилизирачка улога на Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) во јужен Либан. Европскиот совет го повторува својот повик до сите страни да ги почитуваат условите од Договорот за прекин на огнот од 27 ноември 2024 година и да ја спроведат Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН – се додава во заклучоците.

Инаку, додека во зградата на Европскиот совет се одржуваше дебатата за Блискиот Исток, во близина на комплексот згради на ЕУ стотина лица одржа собир за поддршка на Палестинците.

По завршувањето на дебатата за Блискиот Исток, лидерите на ЕУ го продолжија заседанието со распарав за состојбата во Украина, во чии рамки имаа размена на мислење со украинскиот претседател Володомир Зеленски, преку видео конференциска врска, за најновиот развој на настаните во земјата.

Со оглед на доцнењето во програмата за Самитот, се проценува дека тој ќе трае од доцна вечерва, а можеби и до раните утрински часови.