Црногорските рибари имаа интересен улов кој предизвика внимание на целото јадранско приморје - Фото: Пиксабеј

Голема бела ајкула видена во Јадранско Море, експертите смируваат:

Ангел Митревски, Наш дописник од Сплит, Хрватска

Втора млада бела ајкула е видена во Јадранско Море во последните две години. Како што објавија повеќе медиуми во Хрватска и во Црна Гора, рибарот Гојко Митровиќ во понеделникот доставил фотографии од млада голема бела ајкула, која ја уловил на длабочина од 115 метри, на 12 километри од брегот.
– Иако често се верува во спротивното, овој вид природно влегува во Јадранско Море и е жител на целиот Медитеран. Сепак, неговото присуство е значително помало отколку во минатото – објаснуваат упатените во флората и фауната на Медитеранот.

Трет улов на големата бела ајкула во Јадранско Море

Големата бела ајкула (Carcharodon carcharias) е еден од најпознатите животински видови во светот, а нејзината медитеранска популација се смета за критично загрозена. Наодите на овој вид во медитеранските земји станаа многу ретки и често се опишуваат поединечно во научната литература. Според медиумите, ова е само трет улов на овој вид во јадранските води во последните речиси 30 години. Претпоследното регистрирање млада единка во Јадранско Море е регистрирано во 2023 година.
Иако возрасните од овој вид можат да претставуваат потенцијална опасност за луѓето, нападите од ајкули се ретки. Преку соодветни информации, без сензационализам, може да се види дека фреквенцијата на напади од ајкули врз луѓе е значително помала во споредба со многу други животни, дури и со некои од оние со кои се среќаваме секојдневно, анализираат медиумите.

Светска база на податоци за напади од ајкули врз луѓе

Музејот за природна историја на Флорида, САД, одржува светска база на податоци за напади од ајкули врз луѓе. Според нивните архиви, минатата година се регистрирани четири фатални напади, по еден во САД, Западна Сахара, Египет и Малдивите. Важно е да се напомене дека ова се статистички податоци поврзани со сите ајкули, а не само со големата бела ајкула.

Во Црна Гора е регистриран само еден напад врз човек, на средината на минатиот век. Како превентивна мерка, се препорачува да се избегнува пливање взори, на поголеми растојанија од брегот или во близината на риболовни активности. На источната страна од Јадранско Море, нападите се случуваат исклучително ретко, а последниот фатален се случи во Хрватска во 1974 година. Последниот напад во Јадранско Море се случи во 2008 година во близината на Вис во Хрватска, кога ајкула нападна нуркач што носеше уловена риба со себе. Човекот преживеа. Временската разлика помеѓу последните два напада на источната страна од Јадранско Море е повеќе од 30 години. Како и во случајот со кое било друго диво животно, не е можно да се предвиди дали, кога и каде ќе се случи напад.

Неодамна беше спроведено истражување од страна на италијански експерти во Јадранско Море и во други делови од Медитеранот, со намера да се пронајде и обележи единка од овој вид. И покрај годините труд, тие не пронајдоа ниту една голема бела ајкула за да ја обележат. Еве, сега, на средина од туристичката сезона, имаат шанса да почнат со планирање нови активности, во насока на откривање единки на големата бела ајкула во Јадранско Море, бидејќи овој улов е несоборлив доказ дека таа навистина егзистира во Адријатикот.