Фото: ЕПА

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Марко Одермат, четирикратниот шампион во Светскиот куп во алпско скијање, олимписки првак и трикратен светски шампион, присуствуваше на специјална церемонија во Кицбил (Австрија), на откривање на неговата сопствена гондола, доделена како признание за победата во супервелеслалом во јануари годинава на таа патека, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Тој триумф на Швајцарецот Одермат беше негов прв на легендарната патека. Од 2019 година тој настапи на 12 трки во Кицбил, осум пати беше меѓу првите десет, а во спуст двапати беше втор и еднаш трет.
– Марко Одермат не само што е најдобриот скијач во светот во моментов туку е и неверојатен амбасадор на овој спорт. Таа комбинација е навистина ретка – рече Михаел Хубер, претседател на скијачкиот клуб Кицбил.

Одермат ѝ се приклучи на престижната група спортисти со своја гондола во Кицбил. Клемент Ноел (Франција), кој победи на слаломот во 2019 година, својата гондола ја доби по таа победа. За Џејмс Крафорд (Канада), победникот во спустот во јануари, ваква церемонија ќе има на крајот на јули, пишува ФИС.
– Во име на сите спортисти, Кицбил е и секогаш ќе биде врв на нашата сезона. Тоа е несомнено најголемата трка во нашиот спорт. Овој легендарен статус е благодарение на вас, благодариме што ни ја давате оваа неверојатна сцена од година на година – рече Одермат. Н.М.