Фото: Доналд Трамп/инстаграм

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран и Израел се согласиле на „целосен“ прекин на огнот, кој ќе стапи на сила во наредните часови.

Објавата на Трамп дојде откако Иран започна ракетен напад врз воздухопловната база Ал-Удеид во Катар, во која се сместени американски трупи.

– Под претпоставка дека сè ќе се одвива како што треба, што и ќе се одвива, би сакал да им честитам на двете земји, Израел и Иран, за нивната издржливост, храброст и интелигенција во завршувањето на она што треба да се нарече ДВАНАЕСЕТДНЕВНА ВОЈНА“ – рече Трамп во објава на социјалните мрежи.

– Ова е војна што можеше да трае со години и да го уништи целиот Блиски Исток, но не се случи и никогаш нема! Бог да го благослови Израел, Бог да го благослови Иран, Бог да го благослови Блискиот Исток, Бог да ги благослови Соединетите Американски Држави и БОГ ДА ГО БЛАГОСЛОВИ СВЕТОТ!“

Ниту Израел ниту Иран не ја потврдија веста.

Војната започна со нападот на Израел врз Иран на 13 јуни, тврдејќи дека сака да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а Соединетите Држави се приклучија на војната во саботата со напаѓање на три нуклеарни објекти.

Иран инсистира дека ја развива својата нуклеарна програма исклучиво за цивилни цели.