Фото: Фејсбук профил Омо Илинден Пирин

ОТВОРЕНО ПИСМО ОД ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН

Којзнае по кој пат Бугарија, не почитувајќи го суверенитетот на државата Македонија и нејзините институции, проба да се вмеша во нејзините внатрешни работи. Овој пат станува збор за пресудата против Љупчо Георгиевски, претседател на профашистичкиот клуб „Иван Михаилов“ во Битола, преку кој секојдневно се објавуваа(т) објави против македонскиот народ и држава, а се глорифицираат крвници и убијци.
Повикуваат да биле запрени „репресиите врз Бугарите“ во Македонија – но за што всушност се работи?!
Да бидеме јасни, подолу не зборуваме за реално постојното бугарско малцинство, признаено во Македонија уште во времето на Југославија, чии припадници се почитувани и афирмирани членови на македонското општество, кои ја почитуваат и придонесуваат за Македонија. Тие заслужуваат секаква почит.
Ама, не, овие денешниве претендираат дека се репресирани! Станува збор за друга категорија на луѓе. Зборуваме за групации родени од бугарската политика на купување души во Македонија, составен дел на големобугарската политика кон Македонија, непроменета повеќе од 150 години, практика за купување бугарски идентитет во Македонија, добро забележана уште пред 135 години во легендарната реченица „дај ми пари – ќе се чинам Бугарин“.
Како во далечното, така и во блиското минато, амбициозни но нереализирани и незадоволни интелектуалци, аналитичари со купени дипломи, квазиновинари, личности со лихварски долгови, наркодилери загрозени од затвор, нереализирани свештеници, но и политичари со никаква почит кон државата (Македонија) во која ја изградиле својата кариера, се лесна цел на службите на Бугарија, кои од нив по потреба создаваат и одржуваат „репресирано бугарско малцинство“ во Македонија, кое нема никаква врска со реалното бугарско малцинство во Македонија.
Така, Бугарија може да се повикува на наводните репресии за да ја блокира Македонија и да ја уценува во процесот на нејзина евроинтеграција.
Имено за какво „репресирано бугарско малцинство“ се грижи и бори Бугарија? За група милитантни негатори на македонската нација и идентитет. Не за вистинското бугарско малцинство во Македонија, на кое Софија никогаш му нема посветено какво било внимание!

А, од друга страна, Бугарија сосема официјално и безобразно го негира постоењето на македонскиот народ, македонското малцинство, македонскиот јазик, македонската култура и историја. И секој збор на Македонија во корист на нашето македонско малцинство го третира како антибугарска реторика и политика. И претендира дека „Бугарите“ се жртви на говорот на омраза во Македонија како проекција на вината. Тие се „репресиите“ и „говорот на омраза“ за кои зборува Бугарија.
Но, да видиме колку вистина има во наводните репресии против Бугарите во Македонија! Да потсетиме дека, оваа групација негатори на македонскиот идентитет, но и, генерално, луѓето со бугарска самосвест во Македонија: (1) имаа свој премиер или два (времето ќе покаже), (2) министри за култура и на внатрешните работи, (3) шеф на разузнавањето, (4) амбасадори, (5) портпарол во Министерството за одбрана на Македонија, (6) имаа и имаат свои политички партии, (7) имаа и имаат свои пратеници, (8) имале свои директори на позиции во највисоките позиции низ македонските институции, (9) биле на власт како дел од владини коалиции, (10) имале и имаат луѓе на највисоки позиции во банкарскиот и судскиот сектор, (11) имаат свои медиуми (веб-портали, весници), (12) редовно се канети на трибини и ТВ-дебати, (13) имаат право на секој попис да се декларираат како Бугари и (14) имаат свои организации и здруженија што не се оспорени од Македонија иако шират иредентизам и говор на омраза како горенаведениот клуб „Иван Михаилов“ во Битола, (15) Националната телевизија на Бугарија што креира документарци против Македонија и македонскиот народ се пренесува на кабелските телевизии низ Македонија, бугарски музички ТВ-канали исто така.
ЗА КАКВА РЕПРЕСИЈА СЕ ЗБОРУВА ВО БУГАРСКИТЕ МЕДИУМИ?
Што од горенаведеното имаат Македонците во Бугарија? Одговорот е лесен: НИШТО!
Дури ни свои организации не можат да регистрираат и не се канети на ТВ-дебата во последните 15 години.

Време е да им се стави крај на овие груби мешања на Софија во внатрешните работи на Македонија од страна на Бугарија и тонот на говор на омраза да се замени со реалниот поглед на фактите и настаните во двете држави. Доста се лаже бугарскиот народ со вакви шовинистички флоскули, кои им служеа и очигледно сѐ уште им служат на поединци да градат политички кариери и да напредуваат низ агентството на бугарската државна сигурност. Тие раѓаат само омраза меѓу двата соседни народа.
Реалноста е сосема поинаква, а таа е: (1) Бугарија ѝ стави две вета на Македонија, (2) Бугарија не го признава македонскиот народ, (3) Бугарија не го признава македонскиот јазик, (4) Бугарија не ја признава македонската црква, (5) Бугарија не го признава македонското малцинство, (6) Бугарија репресираше, затвораше, бесеше и стрелаше луѓе само затоа што се декларираа како Македонци.
Нам, Македонците во Бугарија, ни се блокира секој обид: (1) да се запишеме на пописите како Македонци, (2) да имаме свои културни клубови, (3) да регистрираме и бидеме политички претставени со свои партии, (4) да учествуваме во општествениот и културен живот преку свои регистрирани организации, (5) немаме право на користење и изучување на својот јазик, (6) немаме право да гледаме македонска национална телевизија, (7) официјално се негира нашето постоење во Бугарија, од институции како парламент, влада, Уставен суд, а самата наша самоопределба се третира по бугарските медиуми како национално предавство и антибугарска активност.
Оваа бугарска политика треба да престане! Потребен е реципроцитет во третирањето на Македонците во Бугарија и на Бугарите во Македонија! Добрососедството може да се гради само со меѓусебно почитување, а не со навреди и негирање, не со уцени!

ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН