Медитеранско мени на заводлива страст

Рецензија

Паоло Џеновезе го паметиме по филмот „Совршени странци“ (2016), каде што седум пријател(к)и на суптилен начин ги разоткриваат своите тајни преку СМС-пораки, мејлови и повици. Девет години подоцна, со сличен алхемиски рецепт во најновото дело „Избезумени“ (2025), на сличен начин се обидува да состави приказна што се одвива една римска ноќ во прекрасен станбен амбиент меѓу потенцијалниот пар, придружено со скап пијалак и придушена интимна атмосфера. Во нивните мисли се чини како да се крие нешто. Дали е тоа љубопитност, страст или исчекување?
Главните протагонисти во овој филм се Пјеро (Едоардо Лео) и Лара (Пилар Фојлати), кои се опсипани со загадочни мисли. Низ главата на Пјеро профрчуваат пет гласа, кои како да му шепотат: Ромео (Маурицио Лагро) ја симболизира романтичната страна, заводливата страст на Ерос (Клаудио Сантамарија), во ликот на разочараност се појавува Валиум (Роко Папело), а со мудриот глас на совеста диригира искусниот Професор (Марко Џилијани). Ромео и Ерос се чини најмногу му се лојални и му помагаат на Пјеро во секоја пригода да го придобие ранетото срце на сензибилната Лара, а во исто време двајцата да ги залечат љубовните рани. Тој е скоро разведен, а вечерта кога пламнуваат страстите спрема Лара за да еруптира сочен бакнеж му ѕвони ќерката, која го заморува со своите инфантилни проблеми, а Пјеро татковски ја утешува. Метафизичкиот свет на Лара е креиран од мисли што ја набљудуваат: во прв план тоа е вечната сонувачка Џулиета (Виторија Пучини), инстинктивниот нерв го води Трили (Емануела Фонели), анархичниот восклик на бунтовност го води Шчегија (Марија Кјара Џијанета), а во шармантниот предизвик од хипнотична убавица фигурира Алфа (Клаудија Пандолфи).

Аморовите стрели од страната на Лара се широко оптегнати, за среќа Трили заштитнички вмешува прсти смирувајќи ја да не пребрзува во своите постапки. Но, кога стапува на сцена Џулиета со својот оригинален сенс за хумор, миговно пушта зелено светло да се спојат жедните усти, а Алфа и Шчегија ракоплескаат видно возбудени скокајќи од радост. Момент на вистина треба да прикаже и упорниот Пјеро, кој веќе е совладан од напливот на сочните бакнежи, па ја расоблекува кошулата од Лара. Наеднаш се појавува гласот од Професорот, кој го советува претходно да ја однесе во спалната соба а потоа да води љубов. Следува рашомонијада на десет исплеткани гласа, а Пјеро и Лара одлучуваат да не се вгнездуваат во канџите на потсвеста, односно да ги следат своите потреби и инстиктот на реалноста. Би можеле да потврдиме без никаков сомнеж дека името на Клаудија Пандолфи е едно од најзвучните имиња во современата италијанска кинематографија. Секој(а) со себе има различна приказна, поткрепено со сопствено ехо и тело, а привидните „гласови“ се распределени во две одделни соби. Просториите се полни со предмети, фотографии со моменти што ги означувале среќните моменти од животниот пат. Тие се креација на хармонија и недоразбирања, но и патоказ на потенцијалните љубовници да создадат (по)темелна врска.

Во нивните поврзувања има моменти на премрежиња, но најважното од сѐ на кое треба да се обрне внимание е да не се направат погрешни чекори. Дијалозите се брзи и конструктивни, проследени со гегови, тикови, фацијални експресии на радост, психоза и оригинална хумористичност. Монтажната умешност е резултат на вештите прсти од Консуело Катучи, кој е веќе доволно познат, а дополнителна афирмација е освојувањето на реномираната филмска награда во Италија „Давид ди Донатело“. Џеновезе создава луцидна синтеза од трите круцијални опкружувања: пред сѐ мислиме на поставената вечера, нејзиниот и неговиот ум, со прецизно инструктуриран тајминг за смеа, и одлично одбраната екипа.
Не би биле правични ако не се поведеме од мечтателските предвидувања, а големи се можностите „Избезумени“ (2025) да го наследи патот на успехот од „Перфектни странци“. Филмот достигна гледаност од вртоглави седумнаесет милиони гледачи само во Италија, а треба да го додадеме и моментот на триумфот дека е најримејкуван филм во светската кинематографија. Сепак тоа ни дава за право, а зошто не и да се надеваме дека овој филм ќе го пожнее патот на успешната слава и кај публиката; а сигурно веќе е пријатно освежување за нашите мисли. Како заклучок за крај би додаделе дека оригиналниот сенс за хумор што го понесува Џеновезе е одлична формула за успешен рецепт како се создава квалитетен и забавен филм.