Фото: КФМ

Потребно е да разговараме за кошарката и за репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата, вели новиот селектор Марјан Илиевски

КОШАРКА

Марјан Илиевски (49), кој досега беше тренер на КК Пелистер од Битола, е новиот селектор на машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија и ќе биде на нејзиното кормило во следните четири години. Ова беше кажано на вчерашната прес-конференција во Скопје, на која присуствуваа и челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), на чело со претседателот Томислав Главчев.
Првата задача на новиот селектор ќе биде во август, кога Македонија ќе настапи во втората фаза од претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година. Црвено-жолтите се во група со Романија и со Унгарија, а двете првопласирани ќе обезбедат пласман во главните квалификации за СП 2027.
– Неблагодарно е да зборувам за сегашната состојба, сега ќе правиме планови за иднината. Треба сите заедно да се вклучиме во работата на репрезентацијата, како ние така и клубовите и медиумите. Потребно е да разговараме за кошарката и за репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите, оти тие се неопходни за оваа операција. Некои од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив. Дури тогаш ќе знаеме со каков состав ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготовки е многу доцна, 10 јули, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ниту од натурализираните играчи немаме потврда. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите – рече Илиевски.
Познат е и стручниот штаб на новиот селектор, Боби Митев, Борче Даскаловски и Мирко Петрески. Илиевски доаѓа на местото на Александар Јончевски, кој ја водеше репрезентацијата од јули 2022 година, откако го замени Драган Бајиќ. Илиевски е 16-от селектор на македонската кошаркарска репрезентација. Досега нејзини предводници беа Јорданчо Давитков и Марин Докузовски во два наврата, а по еднаш Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски, Драган Раца, Александар Тодоров и Драган Бајиќ. Г.И.