Дури и да успеат да го отстранат Орбан и да го пасивизираат унгарскиот отпор, или да ја натераат Унгарија сама да ја напушти ЕУ, тоа нема да ги реши проблемите на Брисел. Доколку Германците и Французите не осмислат нешто и не ја поведат ЕУ на поинаков пат, деновите на ЕУ се одбројани
Автор: Борис Малагурски
Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан се на воена нога со ЕУ повеќе од 10 години. До промена на претходно добрите односи најверојатно дојде кога Орбан ги одби мерките за штедење, кои беа побарани од Меѓународниот монетарен фонд во 2012 година во замена за заем од 19 милијарди евра. До тој заем не дојде, а Унгарија во целост го расчисти (го исплати) долгот кон ММФ следната година. Потоа Будимпешта издаде соопштение за оваа финансиска институција.
– На Унгарија повеќе не ѝ се потребни услугите на ММФ и нејзините вработени мора да ја напуштат државата што поскоро – пренесоа медиумите. Само во една едноставна реченица државата (може да) се ослободи од тежината на синџирот.
Секако, западните медиуми веднаш најавија колапс на унгарската економија. Но унгарската економија растеше побрзо од што се очекуваше, анализираше Џек Позобијак, американски новинар: имаше зголемување на платите и намалување на невработеноста во последните седум-осум години, според унгарското Министерство за финансии.
И тука се роди раздорот меѓу Орбан и остатокот на Европската Унија, кој продолжи да се продлабочува.
– „Орбаномија“ – со таков навредлив збор Брисел ја нарекоа Орбановата економска политика. Но кога пристигнаа економските показатели, Орбан изјави во јавноста: „Не можеа повеќе да навредуваат. Почнаа да ми се плашат“!
Инаку, Орбан е најголем ветеран на унгарската, а можеби и на европската политика, бидејќи е на политичката сцена околу 34 години. Тој поминал 16 години во опозиција и 19 години – на власт. Првпат за премиер е избран во 1998 година и стана прв премиер на просторот на поранешниот Варшавски пакт што никогаш не бил член на комунистичка партија. Беше на чело на владата до 2002 година, а потоа во 2010 година повторно е избран и од тогаш е на чело на Унгарија, водејќи ја во правец на обновување на традиционалните вредности по суверенистички принципи.
И покрај притисоците, Орбан се пресмета со странската агентура, која имаше форма на невладини организации што беа финансирани однадвор… Тој спречи наметнување на ВОУК-идеологијата, а ја спречи и нелегалната имиграција во Унгарија, многу порано пред да стане „мода“.
Што го мачи Брисел?
Европската Унија ја мачат две работи со ваквата Унгарија. Како прво, суверенизмот не е баш компатибилен со големите мултилатерални платформи, како што е Европската Унија, бидејќи во пракса од членките се бара – послушност!
А второто е, дека „не е згодно да постои држава што својот економски успех го заснова на мерките што во суштина се во спротивност со мантрата на ЕУ“. Е сега, бидејќи секоја членка на ЕУ има право на вето на секоја голема заедничка одлука, изградбата на консензус е од клучно значење.
Од друга страна, не постои правен механизам некој да се избрка од ЕУ. Имаше обиди да се казнат непослушните. Да речеме, Европскиот парламент во 2018 година гласаше против Унгарија да се активира членот 7 од договорот за ЕУ, според кој, на некои членки може да им се суспендираат одредени права, како што е на пример правото на глас, но и за таа мерка е потребна едногласност на сите други членки, нешто што не се оствари. Во 2020 година посебно за Унгарија го осмислија т.н. механизам за условеност за владеење на правото, нешто што ѝ дозволува на ЕУ да не им доделува финансиски средства на членките што, според нивниот суд, немаат задоволително ниво на владеење на правото. До денес, Брисел има замрзнато 20 милијарди евра што се наменети за Унгарија, но Будимпешта не попушта, туку тргува со правото за вето. Ова функционира на следниот начин, кога Унгарија ќе прифати да се спроведе колективна одлука, добива милијарда од ЕУ.
Кога во 2022 година изби судирот во Украина, во морето изјави на омраза кон Русија и руското раководство, Орбан остана единствениот лидер во ЕУ што продолжи да разговара со Владимир Путин и да биде против воведувањето санкции против Русија и испораката на оружје за Русија, како и да поддржува што побрз мир во Украина.
– Можеме да кажеме дека ситуацијата е лоша во Украина. Затоа не треба да испорачуваме повеќе финансии и оружје за да ја финансираме војната. Наместо тоа, треба да ја запреме војната, да направиме примирје и да преговараме за мир – изјави Виктор Орбан.
Капката што ја прели чашата на масата на бриселската администрација
Мислам дека ова беше капката што ја прели чашата на масата на бриселската администрација. Европскиот парламент ја усвои резолуцијата, според која, Унгарија повеќе не може да се смета за демократија, нешто што во однос на сегашната ситуација во Романија е трагикомично. Поништувањето на гласањето, како и апсењата и дисквалификацијата на кандидатите што не ти се допаѓаат се силно демократски и во духот на европските вредности. Со тоа што во Романија не фаворизираа одреден кандидат, туку им беше важно Калин Георгеску да не победи. Во Унгарија имаат фаворит за претстојните избори во 2026 година и не е некој „весел шарен либерал“, туку „конзервативен русокос“ во традиционална хусарска униформа. Вистински Унгарец, така и се вика – Петер Маџар: Унгарија се наоѓа пред пресвртница. Или ќе живее убаво или ќе пропадне засекогаш, изјави Петер Маџар. Уште една негова изјава е: Ова не е Русија, ова не е Азија, ова е Европа, изјави Петер Маџар…
Маџар до 2022 година беше еден од најблиските соработници на Орбан. Беше во Министерството за надворешни работи, член на постојаното претставништво на Унгарија при ЕУ, директор на правното одделение на големата државна банка и функционер во кабинетот на самиот премиер. Тогаш наеднаш сфати дека Орбан воопшто не е добар и поднесе оставка на својата државна функција и започна да ја сака ЕУ. Колку е тоа убаво кога ќе се случи спонтано. Тој ја познава и географијата, секоја чест. Европскиот совет за меѓународни односи, истакнат аналитички центар на ЕУ го именува како ѕвезда во бурата. Иако не е јасна неговата политика, она што е сигурно е дека е противник на Орбан и неговата партија Фидес, а се претставува и како претставник на вистинската Фидес, онаа што од периодот пред да му сврти грб на Меѓународниот монетарен фонд ги национализираше приватните пензиски фондови итн.
Во кризни времиња, на ЕУ не ѝ е неопходно сојузникот да биде либерален, туку само да биде послушен
– Видовме каква иднина има да понуди глобалистичката владејачка класа. Но ние имаме во умот поинаква иднина. Сите глобалисти може да одат по ѓаволите – изјави Виктор Орбан. Дури и да успеат да го отстранат Орбан и да го пасивизираат унгарскиот отпор, или да ја натераат Унгарија сама да ја напушти ЕУ, тоа нема да ги реши проблемите на Брисел. Доколку Германците и Французите не осмислат нешто и не ја поведат ЕУ на поинаков пат, деновите на ЕУ се одбројани. Не мораме ние да си одиме, таа самата ќе се распадне, доколку вака продолжи, изјави Виктор Орбан.
Навистина е интересно, што граѓаните на ЕУ на своите политичари им го поставуваат прашањето – Зошто ЕУ е во криза? Зарем е можно дека политичарите ги убедиле дека за сѐ е крив Орбан? Или Путин? Или Трамп?
Наместо да прифатат да учествуваат во демонизација на сите што говорат и работат поинаку од бриселскиот врв, Европејците можеби можат да размислат која политика ги доведе до ситуација во која некогашниот моќен континент е на пат да стане музеј со прашина на својата некогашна слава.
Авторот е филмски режисер, продуцент, писател, политички коментатор, телевизиски водител и активист