Песни што ме тераат да играм
Љупчо Давчев
Имаше едно време на овие простори младина што носеше долга коса и брада, надвор од нормите на државата од тој период и тоа беше некој своевиден бунт против одредени нешта, по углед на она што се случуваше на Западот. На таа младина полицијата строго реагираше, ја тепаше, затвораше, ѝ ги кастреше косите и брадите, сакаше да ја стави во колосек, да ја контролира, а времето беше она на најголемиот син на Југославија – Титовото време. Е сега, за да можеш да бидеш дел од таа маса (хипи, деца на љубовта) требаше да имаш идоли што доаѓаат од Западот, и тоа некоја рок-група. Но ретко кој разбираше англиски и во таков момент едно момче од Сараево (Горан Бреговиќ) прави група што ја нарекува „Јутро“, која подоцна се ребрендира во „Бијело дугме“. По углед на западните групи, свират некаков рок, хард рок, хеви…, но со вметнати домашни мотиви. Музиката многу наликуваше на западната, па младите почнаа во нив да гледаат свои водачи, идоли. Заедно се собираа (кај нас на кејот на Вардар) и дискутираа, но не за политика, туку за музика. „Дугме“, како и другите групи (освен „Булдожер“, „Панкрти“, „Азра“), всушност ја затапе младината затоа што не пееја политички, протестни, социјални, економски песни, туку некои љубовни. И така наместо дискусија за битни прашања, тие дискутираа за Жељко Бебек и за неговата фризура, за Ипе и неговите проблеми со недозволени супстанции, за гитарата на Горан, за омотот на плочите и нормално за текстовите што беа некако љубовни. Иако „Бјело дугме“ свиреа жестоко, и така и се однесуваа, всушност беа во спрега со тогашното државно раководство за да го затапат сечилото на катаната на младината што се будеше. Како што се докажа и подоцна во различните фази на групата, државата сакаше да пренесе порака преку нив и затоа толерираше сѐ што правеа членовите на групата (опојни дроги, однесување…). Тоа е едната страна, но другата страна е дека Бреговиќ е невиден мајстор во кој било жанр, едноставно цар. Почнувајќи од оној „овчарски рок“ со кој почнаа, преку ска-панк, па сѐ до последната фаза каде што беше целосно свој, без многу влијанија однадвор. На почетокот беше под влијание на „Лед цепелин“ и нивната музика, слушнете ги само песните од почетокот на групата, а и начинот на свирење и држење на гитарата, копија на Џими Пејџ.
„Бијело дугме“ се распадна некаде на почетокот на 1990-тите, но не затоа што тие така сакаа, туку затоа што повеќе немаа што да кажат, или да бидам погруб, немаше кој да им каже што да пеат. Се распадна Југославија и повеќе не можеа да пеат за проблемите во Босна, затоа што беа поразлични од оние во Хрватска, Србија, Македонијa. Брега е лисец, неверојатен, знае кога да запре и затоа и денес е многу слушан, правејќи светска кариера. „Дугме“ со години ништо не објавуваа, некои повратнички концертни турнеи и толку, немаа нова песна. Но и тоа беше доволно да бидат присутни во јавноста. Затоа и не ме изненади кога мината година објавија дека прават голема турнеја низ поранешните југословенски земји, која започна во Сараево, па дојдоа и кај нас во Скопје. „Прагма продукција“ се потруди да ги донесе и да направи историја за паметење. Оној што не беше на нивниот концерт на 31 мај во салата „Борис Трајковски“ може да жали, а оној што бил може еден ден да се гордее со себе дека присуствувал на незаборавна вечер. Знаете, има моменти кога едноставно работите не одат и тогаш треба да се застане, да се седне, да се дофати дното, да се пуштат внатрешните слики да лутат низ потсвеста, наоѓајќи ги оние моменти што те креваат кога ти е најтешко. Е овој концерт беше таков, полн со емоции, заедништво, љубов, искреност, истрајност, почит. Таков момент имаа околу 9.000 посетители што заедно уживаа на „Липе цвату“, „Напиле се улице“, Када одем, кад ме не буде“, „Ево заклечу се“, „Тако ти је мала моја кад љубиш Босанац“, „Све че то о мила моја“… Неверојатно квалитетни песни отпеани од 9.000 грла, сите создадени од само еден човек, врвниот мајстор Горан Бреговиќ.
На бината го гледам Горан (за миг помислив дека е Нео од „Матрикс“) како лукаво се смешка, очигледно задоволен од она што се случува во публиката, Ален и Тифа неверојатни, како и целиот бенд. Обично шетам со фотоапаратот меѓу луѓето, им ги гледам изразите и гледам задоволство, среќа, нешто што одамна го немам видено. Веројатно голем дел од нив и доаѓаат да заборават на проблемите додека течат овие два и пол часа. Публиката мешана, од 17 до 80 години и сите, апсолутно сите, ги знаат сите песни. И тогаш таму некаде гледам еден близок лик (другар што отиде во странство одамна), кој не сум го видел 35 години. Времето тотално го изобличило, онаа коса како на Бебек ја нема на него, сега има два мали прамена, како на Густав од цртаните филмови. Доаѓам до него, се гушкаме, онака машки, и во тој момент „Дугме“ ја свират „Пљуни и запјевај моја Југославијо“, а публиката во делириум. Одеднаш гледаш 20 југословенски знамиња низ целата сала и еден чуден полумолк. Како сцена од филм на Кустурица, бавен движечки кадар, да се види секоја солза, секое подгризнување на усните, да се види како боли минатото. Ни Брега не веруваше дека тоа се случува, ова не му беше запишано на мајсторот во сценариото, едноставно се случи само од себе. Се гледаме со другар ми од времето во очи (оној со косата како на Бебек) и си велиме: „Се сеќаваш ли на осумдесет и некоја, на нивниот концерт на Кале. Ја имаше истата атмосфера“. Аух, што направија овие шестмина, Горан, Ален, Тифа, Џиџи, Огнен, Зоран. Концертот заврши, долго поздравување со публиката и секој на своја страна. Прекрасен неверојатен концерт, кој ме направи побогат со уште еден момент што ќе го чувам и ќе вадам секогаш кога ќе ми биде тешко, најтешко.