
Растот на економијата е позитивна вест, но мора да се мобилизираат сите ресурси за уште поголем економски напредок
Економскиот раст треба да биде и инклузивен. Имено, еден од неговите столбови е и – продуктивноста на работниците: секој да го вложи својот максимум, да испорача најдобри резултати во она што го работи и создава, и за тоа да добие добра плата. Не може да зборуваме за раст што ќе биде висок и што ќе го почувствуваат сите, ако наместо на труд, посветеност, напор, продуктивност…, растот се потпира на субвенции, вработување во јавната администрација итн., велат нашите соговорници, универзитетски професори по економија
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2025 година е 3 отсто во однос на истото тримесечје од 2024 година. Притоа оттаму укажаа дека поголем пораст е забележан во секторите градежништво и стручни, научни и технички дејности, како и во секторите административни и помошни услужни дејности и информации и комуникации.
Охрабрувачката вест на ДЗС ја дополни и Владата со уште пооптимистички информации. Имено, од своја страна, таа во соопштение за јавноста истакнува дека „Македонија е меѓу петте земји со најбрзорастечка економии во Европа, а пред нас се Ирска, Данска и Полска“.
– Растот е поголем за трипати повеќе од лани. Ова се должи на успешните економски политики на Владата. Нашата заложба е ова да продолжи, затоа носиме политики што ја поттикнуваат економијата да се развива. За разлика од претходните години кога македонската економија беше на дното целосно девалвирана, сега имаме целосно придвижување напред – издвои македонската влада во официјалното соопштение за јавноста.
На што се должи економскиот раст
Економистите од своја страна толкуваат дека навистина „растот е позитивна вест, но сѐ уште е рано за еуфорија“.
– Добро е, но да не брзаме со еуфоријата. Поспокојно со емоциите, а подинамично со работа и со посветеност кон ова прашање. Да сумираме, во првиот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3 отсто на годишна основа, задржувајќи ја динамиката од претходната година. Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот макроекономски монитор и проекцијата од 3,5 проценти за целата 2025 година. Растот во личната потрошувачка, 2,1 отсто, е одраз на позитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и на забрзаниот раст на кредитната поддршка на домаќинствата, додека растот на јавната потрошувачка, од 1,1 процент, забави по интензивирањето во текот на 2024 – објаснуваат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ во нивниот најнов макромонитор.
Од институтот потенцираат дека врз растот на бруто-домашниот производ (БДП) големо влијание имаат инвестициите.
– Вкупниот раст на БДП е воден и од растот на бруто-инвестициите – 18 отсто, но овој раст останува високоваријабилен. Додека, извозот 1,2 процент и увозот 5,8 отсто продолжија да ги рефлектираат неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент. На производната страна, растот во овој квартал е на поширока основа од претходно, со солидни остварувања кај преработувачката индустрија од 3,7 проценти и градежништвото со 7,1 отсто, но за сметка на благо забавување на растот на услугите од 2,2 проценти – појаснуваат од „Фајненс тинк“.
Растот на домашната економија е позитивна вест, сепак, тоа не значи дека не треба и во иднина да бидеме внимателни и на штрек. Зошто? Затоа што турбуленциите на светските пазари и понатаму се присутни, дополнително војната во Украина се усложнува. Токму тоа и понатаму за нас (а и пошироко) ја прави економската состојба многу неизвесна. Натаму, непредвидливоста како негативен фактор се наметнува и со воведувањето на тарифите од страна на една од најголемите економски сили во светот… Затоа, многу внимателно, без еуфорични емоции. Но неопходно е и да се вклучат и други елементи и фактори што влијаат на економскиот раст, а зависат од самите нас.
Граѓански дилеми: ДА за економски раст, но како ефектите од него што побргу и посилно да ги почувствуваат граѓаните?
Најпрво, неизбежно е да се запрашаме дали актуелните глобални случувања (Украина, Германија, Блиски Исток и воопшто попречените синџири на снабдување итн.) можат да го забават или да го закочат динамизираното економско течение кај нас? И второ, доколку успееме да мобилизираме и низа други фактори на импулс на националната економија, како да се направи импактот од економскиот раст што посилно и поконкретно да го почувствуваат и граѓаните?
– Најпрво, проекциите од домашната експертска јавност и меѓународните финансиски институции, кои се движат помеѓу 3 до 3,5 отсто раст на домашната економија во 2025, ги земаат предвид глобалните неизвесности, но не, или недоволно, фактот дека со наметнување високи царини, особено меѓу големите сили, ќе се предизвика трговска затегнатост од огромни размери, која негативно ќе се одрази врз растот.
Во такво сценарио, секако дека влијанието врз растот ќе биде негативно и погорните проектирани стапки ќе биде потешко да се постигнат, имајќи предвид дека посериозниот ефект од едно такво сценарио би се почувствувал дури во 2026 година – објаснува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Петрески за „Нова Македонија“ укажува дека „во поглед на растот на БДП и инфлацијата: стапките што се објавуваат се реални, а не номинални износи, што значи дека од нив веќе е одземен ефектот на инфлацијата“. Тој потенцира дека инфлацијата е во фаза на стабилизација. Последната бројка за април е 2,6 отсто и се очекува таа патека да продолжи до крајот на годината.
Ефектот од економскиот раст ќе го почувствуваат сите граѓани тогаш кога ќе вложуваат повеќе и кога ќе испорачуваат подобри резултати во
секојдневното работење
За издвојување е една исклучително интересна работа што ја потенцира професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“, а тоа е дека „ефектот од економскиот раст сите граѓани ќе го почувствуваат кога ќе вложуваат повеќе и кога ќе испорачуваат подобри резултати во секојдневното работење!“
– Економски раст сам по себе не значи ништо ако не го чувствуваат граѓаните во нивниот џеб. Се согласувам со вашата алузија во прашањето дека растот треба да биде инклузивен и праведен. Затоа, треба да се темели на продуктивноста, секој да го вложи својот максимум, да испорача најдобри резултати во она што го работи и создава, и за тоа да добие добра плата.
Не може да зборуваме за раст што ќе биде висок и што ќе го почувствуваат сите ако фокусот наместо на труд и напор биде на субвенции, вработување во јавната администрација, барања за повисоки пензии и социјална помош и сл. Сето тоа значи и инвестиции во образование, здравство и иновации, поддршка за мали и средни претпријатија, и транспарентно трошење на јавните средства. Кога граѓаните ќе видат дека секој ден имаат подобра плата за нивниот повеќе вложен труд, подобро работно место, поефикасен јавен сервис – тогаш растот станува реалност, не само бројка – напоменува Петрески. Е.Р.
Државниот завод за статистика (ДЗС) регистрира реален пораст, Владата со ветување дека следува уште посилна динамика
ДЗС објави дека финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2025 година, номинално расте за 7,1 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 69 проценти.
Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 1,4 отсто, увозот на стоки и на услуги исто така забележа зголемување во номинален износ од 4,8 проценти. Според сезонски и календарски приспособените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2025 година во однос на првото тримесечје од 2024 година е 3,2 отсто.
Владата, пак, од своја страна со силен оптимизам изјави дека растот се должи на успешните економски политики и дека нивна приоритетна заложба е ова да продолжи.
– За разлика од претходните години кога македонската економија беше на дното целосно девалвирана, сега имаме целосно придвижување напред.
Се обврзавме и реализираме. За нова надеж за граѓаните и за Македонија, која ќе биде држава со раст и развој. Македонија мора да оди напред, државата е на патот на промените – ни изјавија од Владата. Е.Р.