фото: З.А.

Производите на вранештичките грнчари пред големиот верски празник Духовден се пласираат во повеќе градови во земјава, а тука предничат Охрид, Прилеп, Битола и други соседни градови, кои своите производи ги продаваат како реквизити што ги купуваат печалбари родум од нашата земја дојдени на одмор, а мал е бројот на купувачи кои грнчарските производи ги даваат за душа на покојните. Минимални се количините што се пласираат на локалниот пазар во Кичево. За да обезбедат доволни количества земјени производи, како големи конзументи се јавуваат препродавачите, кои вранештичките производи ги продаваат на угостителските објекти ширум земјата.

Но самите грнчари истакнуваат дека бројот на активни мајстори од година во година е сѐ помал, а во моментов со овој занает се занимаваат само седум мајстори на глината и сите се во поодмината возраст.

И покрај тешките времиња вранештичките мајстори не ги напушта оптимизмот и вербата дека овој занает уште долго ќе живее.

Еден од нив е мајсторот-грнчар Горан Милоски, кој е оптимист и сѐ уште верува дека може да се егзистира од грнчарството, но поскромно во споредба со претходниот период.

– Кај нас обемот на работа и приходите последните години се намалени, но сепак сѐ уште може да се живее од овој занает. Денес променет е асортиманот на производите кои се барани, а најактуелни се порачките на тави, чаши, кригли, бокали и повеќе видови украсни производи, како столни лампи. Според актуелната состојба, од грнчарството не можеш да се збогатиш, но може пристојно да се живее и покрај фактот што овие времиња се далеку од периодот од пред повеќе децении, кога овој занает беше изразито доходовен и тоа беше причината половина село да се занимава со грнчарство – потсети Горан.

Во континуиран пад е бројката на грнчари, и денес едвај седум мајстори егзистираат исклучиво од овој занает. Тоа го чинат скромните, но вредни вранештичани мајстори, препознатливи по својата умешност да создаваат преубави земјани форми.

З.А.