Со мала свеченост денес на Правниот факултет Кичево беа промовирани 37 дипломирани правници и 28 магистри, со што бројката на дипломирани правници на овој факултет се искачи на 1223, а во исто време бројот на магистри ја достигна бројката од 433. На оваа свеченост присутните студенти, гости и професори ги поздрави деканката на Правниот факултет Кичево со дисперзирани студии во Битола и Струга, Д-р Светлана Вељаноска.
-Денешниот ден претставува значајна пресвртница во Вашето академско и професионално патување. Ова е ден што ќе остане длабоко врежан во Вашето сеќавање како симбол на еден завршен циклус но и како почеток на нова етапа во Вашиот живот полна со предизвици, одговорности и нови можности. За некои од вас денешниот чин претставува олеснување по долгогодишниот вложен труд а за други симболично затворање на едно важно поглавје во животот. Но за сите Вас ова е ден на гордост , ден кога оддаваме признание на Вашата упорност, дисциплина и академска злрелост. Како Ваша деканка но пред се како Ваша професорка, со искрено задоволство и почит сакам да ви честитам за Вашето академско достигнување. Во текот на студиите Вие не само што стекнавте знаења и вештини, туку изградивте способност за критичко размислување, аргументирана анализа и почитување на правните вредности што го сочинуваат темелот на правниот поредок и правдата -истакна меѓу другото деканката Вељаноска.
Таа на сите 28 магистри на правни науки и 37 дипломирани правници, им честиташе за постигнатиот успех и им посака многу лична и профелионална исполнетост и задоволство.
Инаку Правниот факултет Кичево со работа започна во 2008 година и оваа генерација што годинава ги заврши студиите е седумнајсетата генерација на дипломирани правници и магистри.
Првенка на генерација со просек 9,1 е битолчанката Катерина Велјановска. З.А.