Конкуренцијата си го прави своето и сите максимално се вложуваат за да се најдат во составот од 14 одбојкарки, вели селекторот Пауновиќ, пред средбите идната недела со Швајцарија и со Луксембург во Струмица
ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКАТА СРЕБРЕНА ЛИГА ЗА ОДБОЈКАРКИ
Една седмица репрезентацијата на Македонија се подготвува во Струмица за вториот настап во Европската сребрена лига за одбојкарки. Селекторот Стефан Пауновиќ на располагање ги имаше сите 20 одбојкарки што беа на списокот. Во пресрет на првиот турнир од оваа лига, на кој Македонија ќе биде домаќин, селекторот треба да се одлучи за 14 репрезентативки што ќе го понесат товарот на мечевите со Швајцарија и со Луксембург.
– Имаме одлична работна атмосфера, постојат ред, работа и дисциплина. Функционираме како семејство, сите девојки се мотивирани, напорно тренираат. Позитивно сум изненаден и имам впечаток дека се пораснати, созреани, свесни за шансата што ја имаат пред себе и дека работиме за повисоки цели. Конкуренцијата си го прави своето и сите максимално се вложуваат за да се најдат во составот од 14 одбојкарки. Навистина сум во дилема – вели селекторот Стефан Пауновиќ, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонија во салата „Парк“ во Струмица ќе биде организатор на турнирот во првиот натпреварувачки викенд од Европската сребрена лига. Според распоредот, Македонија ќе го отвори турнирот на 30 мај во 20 часот со дуелот со Луксембург. Следниот ден Македонија е слободна, а Швајцарија и Луксембург ќе играат од 20 часот. На 1 јуни од 20 часот Македонија ќе се сретне со Швајцарија. Г.И.