Селекторот Игор Паскоски, во согласност со планот и програмата за работа, ги спроведе овие викенд тренинг-подготовки
ЏУДО – ИЗМИНАТИОТ ВИКЕНД ВО ПРИЛЕП
Изминатиот викенд (сабота и недела) во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и техничка поддршка од џудо-клубот Сеишин од Прилеп, се одржаа викенд тренинг-подготовки на џудистите што се потенцијални кандидати за кадетската репрезентација на Македонија.
Со оглед на тоа што завршија државните првенства за оваа возрасна категорија, а во тек се меѓународни турнири, селекторот Игор Паскоски, во согласност со планот и програмата за работа, ги спроведе овие викенд тренинг-подготовки, каде што наедно ќе се изврши и првичната селекција на кандидатите што ќе ги бранат боите на кадетската репрезентација на Македонија. На подготовките присуствуваа 23 џудисти од клубови во Македонија, чии членови се номинирани во поширокиот список на кандидати за кадетската национална репрезентација.
Во овие активности се вклучи и спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски, а џудистите и џудистките ги посети и претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски. ЏФМ им посакува на џудистите успешни понатамошни настапи на меѓународната сцена, информираат од ЏФМ.
Како што е познато, Македонија, поточно Скопје, годинава ќе биде домаќин на три значајни џудо-настани. Тоа се Европското првенство (ЕП) за кадети (26-29 јуни) и Европскиот куп (ЕК) за јуниори (2-3 август), а за првпат ќе се одржи и ЕК за сениори (20-21 септември), што е само уште еден показател дека следува возбудливо спортско лето за македонското џудо. Г.И.