По вторпат за шест дена Интер и Барселона одиграа европска фудбалска класика, откако шампионот на Италија победи со 4-3 или вкупни 7-6, со што се пласира во финалето на најквалитетното европско клупско натпреварување
ФУДБАЛ – ИНТЕР Е ПРВИОТ ПОЛУФИНАЛИСТ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ Е ПРВИОТ ПОЛУФИНАЛИСТ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Во трилер-натпревар што ќе се памети со години, шпанска Барселона губеше со 0-2 и 2-3 во првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) во Каталонија против италијански Интер, пред да се спаси со нерешен резултат 3-3. Во Милано, Барселона губеше со 0-2 на полувремето или вкупни 3-5, пред да постигне три гола во вториот дел. Со голот на Рафиња во 87-та минута Барселона првпат поведе во вкупен резултат, но првиот европски гол на Франческо Ачерби (37) го одведе мечот во возбудливо продолжение, во кое резервниот играч Давиде Фратези го постигна победничкиот гол и со тоа воодушеви повеќе од 70.000 навивачи на Интер на стадионот „Сан Сиро“ во Милано. Тоа беше полуфинале на ЛШ на кое по вторпат се постигнаа најмногу голови досега, вкупно 13 гола, односно го изедначија полуфиналето од 2018 година, кога англиски Ливерпул исто така ја победи италијанска Рома со вкупни 7-6.
– Не го очекувавме ова, нели? Очекувавме добар натпревар, но ова… Ти благодариме Интер, ти благодариме Барселона што ни овозможивте неверојатна забава и два одлични фудбалски меча. Она што го видовме беше нешто многу посебно. Беше задоволство да бидам тука – рече за „Амазон прајм“, поранешниот капитен на Англија Алан Ширер, кој беше на „Сан Сиро“, пишува „Би-би-си“.
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, не го криеше своето задоволство од големата победа над Барселона.
– Беше потребен еден „супер“ Интер, па затоа сите пофалби им припаѓаат на моите играчи за двата неверојатни натпревара. Тоа беше единствениот начин да се стигне до финалето. Горд сум што сум нивен тренер, тие дадоа сѐ од себе, дури и оние што дојдоа од клупата. Им реков на играчите да веруваат дека можеме да ја ограничиме Барселона иако тоа не е лесно. Лаутаро Мартинез, Дензел Дамфрис и Давиде Фратези не беа 100 отсто подготвени, затоа мораше да ја надминеме секоја пречка користејќи ги нашите срца. Дадовме сѐ од себе и заслуживме да одиме во финалето – рече тренерот Инзаги, пренесуваат италијанските медиуми.
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изрази жалење за одредени судиски одлуки откако неговиот тим беше елиминиран од Интер.
– Разочаран сум, но можеме да бидеме горди на нашата игра. Горд сум и на мојот тим, дадоа сè од себе, но фудбалот понекогаш може да биде неправеден. Тимот даде сѐ од себе за да победи, тоа е сѐ што можам да кажам. Интер е одличен тим, се брани брилијантно, има одлични напаѓачи, добро ја држи топката и е конзистентни. Учиме од ова и ќе се вратиме следната сезона. Нормално е што сме разочарани сега – рече Флик.
Интер ќе се соочи во финалето со победникот од дуелот меѓу француски Пари Сен Жермен и англиски Арсенал, кои синоќа го играа второто полуфинале во Париз. ПСЖ водеше со 1-0 по првиот меч. Г.И.
Топ 10 највозбудливи полуфинални дуели
„Би-би-си“ направи една селекција на највозбудливите 10 полуфинални дуели во ЛШ, вклучувајќи го и овој помеѓу Интер и Барселона, без да ги класифицира од еден до 10, туку ги подреди според годините на одигрување. Но тоа можат да го сторат читателите со свое гласање односно рангирање.
2025 Интер – Барселона 7-6
2022 Реал М. – Манчестер С. 6-5
2019 Барселона – Ливерпул 3-4
2019 Тотенхем – Ајакс 3-3
2013 Борусија Д. – Реал М. 4-3
2012 Челси – Барселона 3-2
2008 Челси – Ливерпул 4-3
2007 Милан – Манчестер Ј. 5-3
2003 Реал М. – Јувентус 3-4
1999 Манчестер Ј. – Јувентус 4-3