Современ робот кој се појави во тв-шоу во Русија се испостави дека е само човек облечен во костум. Телевизијата Русија-24 го пофали модерниот андроид за време на шоуто посветено за роботика и соопшти дека „роботот Борис“ научил да танцува, пренесува британски „Гардијан“.
Но луѓето со остро око се посомневаа во роботот. На руската веб-страница „ТЖурнал“ беа поставени многубројни прашања за работењето на роботот, како на пример каде се неговите сензорите и зошто тој прави толку непотребни движења додека танцува, зошто руските научници не објавиле никакви трудови и како го изградиле роботот толку брзо. И најважното прашање, зошто роботот изгледа токму како некој да може да се вклопи во неговата внатрешност?
Подоцна беа откриени фотографии од „роботот“ на социјални мрежи, на кои може да се забележи како вратот на човекот ѕирка од костумот. „Роботот Борис“ испадна дека е „Алојша-робот“, костум креиран од компанија со име „Шоу Роботс“, кој го носел човек.
Костумот, кој има цена од три илјади фунти, креира илузија како да стои вистински современ робот пред вас. Не се знае дали намерно или не, националната телевизија на Русија го претстави „роботот“ во шоуто посветено на роботика за млади луѓе. Подоцна, видеото беше тргнато од страницата на „Русија-24“, но истиот ден повторно беше достапно за гледање.