По деветти пат, на 25 и 29 април, во Скопје ќе се одбележи Ден на пијаното, глобална иницијатива основана од германскиот композитор Нилс Фрам во 2015 година. Оваа манифестација секоја година привлекува сè поголем интерес, а годинава ќе биде одбележана со семинар, работилница и два концерти.
Настанот го организира м-р Светлана Димитриевска, раководител на Одделот по пијано во „Илија Николовски – Луј“, а е и дел од годишната програма на училиштето.
На 25 април, во концертната сала на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ ќе се одржи семинар и работилница под водство на проф. д-р Милица Шкариќ. Темата на семинарот и работилницата за учениците и наставниците во училиштето е „Симболизмот во добро темпериран клавир“ со фокус на делата на Јохан Себастијан Бах.
-Проф. д-р Шкариќ, професор на ФМУ при УГД „Гоце Делчев“, Штип е експерт и голем познавач на Бах, на неговите дела и начинот на интерпретација – вели Димитриевска.
На 29 април, во Културно информативниот центар – Салон 19:19, ќе се одржат два концерти на кои ќе настапат 43 ученици од одделот по пијано при „Илија Николовски – Луј“. Програмата вклучува дела од различни музички епохи и стилови, што ја истакнува звучната разновидност и богатството на пијаното како инструмент.
Димитриевска вели дека целта на одбележувањето на Денот на пијаното е да се слави музиката, да се инспирираат младите пијанисти и да се создадат нови концертни можности за учениците.
-Сцената и настапите се предизвик за сите нас како музички уметници. Секој настап е драгоцено искуство што ја подобрува нашата интерпретација и комуникација со публиката. Секој настап е посебно и драгоцено искуство за нашите ученици – вели Димитриевска.
Денот на пијаното веќе се етаблира како значаен музички настан на глобално ниво, а Скопје е дел од оваа интернационална музичка приказна.