Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови ги отфрли двете иницијативи за оценување на уставноста на одлуката на Собранието за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија донесена на 19 октомври годинава. Шест судии гласаа за отфрлање на иницијативите, додека тројца беа против.
Како образложение на одлуката Уставниот суд оцени дека оваа одлука не е пропис и затоа одлучил да не навлегува во оценување на уставноста на оваа одлука, односно таа не подлежи на уставно-судска оценка.
Подносители на иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката се Светскиот македонски конгрес и физичко лице од Свети Николе.
– Со одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија евидентно е флагрантното кршење на Уставот и законите на државата Македонија и на меѓународното право, велат меѓу другото од Светскиот македонски конгрес.