Oдржливиот развој на домашните компании треба да се креира само преку квалитетно образование, кое ќе создава потребни индустриски и технички профили. Системот на финансирање на образованието треба да се промени од корен, треба да се дизајнира систем што ќе биде посветен на овие цели, а тоа бара најмалку десетгодишен период на ефекти
Домашните компании имаат квалитетни производи и целат кон соработка со странските, но за да се оствари тоа мора да се сертифицирани. Тоа не зависи само од желбата на странците, на кои сигурно дека ќе им биде подобро во оваа земја да најдат доставувачи, туку и од производите и од нивниот квалитет.
Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот за Југоисточна Европа, малата соработка е резултат на неадекватно ниво на домашните компании да ги снабдуваат и да ги задоволат потребите на мултинационалните компании.
– Имено, во тој дел, доносителите на економските политики немаат голем простор, освен со некои фискални мерки да ги субвенционираат домашните компании ако не се ценовно конкурентни, а по однос на конкуренцијата по квалитет, мерките би биле долгорочни, како на пример техничко-технолошки, кадровски профили (образование), како и поддршка за домашните компании на сертифицирање на квалитетот со ИСО – смета Беџети.
Тој додава дека соработката со мултинационалните компании е многу битна и дека тоа треба да биде единствената логика на поддршка на странските инвеститори, сѐ друго создава само краткорочни ефекти.
– Многу е важно да привлекуваме странски индустриски капацитети, но не по основа на бруто-ефекти, туку исклучиво по основа на домашна нова вредност. А тоа бара структурални промени во економијата – вели Беџети.
Тој додава дека одржливиот развој на домашните компании треба да се креира само преку квалитетно образование, кое ќе создава потребни индустриски и технички профили.
– Системот на финансирање на образованието треба да се промени од корен, треба да се дизајнира систем што ќе биде посветен на овие цели, а тоа бара најмалку десетгодишен период на ефекти – истакна Беџети.
Ива Трајковска, аналитичарка од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, смета дека доколку странските инвеститори ги адаптираат своите политики на набавки, односно одлуките за набавка на суровини и инпути ги пренесат, до одреден степен, на локално ниво, во тој случај домашните компании ќе бидат повеќе поттикнати да пристапат и да воспостават соработка.
– Зголемената финансиска поддршка за домашните компании е клучна, па, така, тие би се поттикнале на соработка доколку имаат олеснет пристап до субвенции и инвестициски грантови за зголемување на нивото на сертификација и зголемување на своите капацитети. Значајна би била и директната поддршка од страна на странските компании, па, така, тие би ги поттикнале домашните производители да инвестираат, со тоа што ќе гарантираат понатамошно снабдување, односно соработка и долгорочни договори – појаснува Трајковска.
Според неа, можноста за соработка и задоволување на потребата за набавки кај одредени сектори и производи во голема мера е определена од веројатноста странските компании да ги најдат потребните производи и доставувачи локално.
– Во исто време, пристапот до информации за домашни доставувачи е многу тежок. Недостига единствена база на податоци за потенцијалните домашни снабдувачи, но недостига и единствена база на податоци за сите странски инвеститори во земјата. Исто така, домашните компании имаат голем број недостатоци што влијаат на целокупната соработка, како недоволниот технолошки развој и подготвеност на домашните мали и средни претпријатија, имплементацијата на стандарди и сертификати и производствениот капацитет – истакна Трајковска.
Таа додава дека соработката е многу важна за економскиот пораст, пред сѐ самите странски инвестиции имаат позитивен ефект врз економскиот пораст. Тие придонесуваат за диверзификацијата на извозот, ја зајакнуваат индустриската база и поттикнуваат вработувања.
– Соработката со странските компании е навистина значајна, бидејќи преку неа директно се стимулира домашното производство. Локалната набавка на суровини и услуги значи и зголемени обврски кон домашните производители, односно средствата генерирани од извозот на странските компании би се потрошиле во домашната економија. Дополнително важно за економскиот пораст е што преку создавање врски меѓу мултинационалните компании и домашните компании се создава трансфер на технологија и вештини, како и подобрувања во продуктивноста и конкурентноста во целокупната економија – вели Трајковска.
За да се развијат домашните компании, потребна е стратегија за поттикнување спојувања и преземања меѓу домашните компании, за да се зајакнат домашните претпријатија, нагласува таа.
– Таквата стратегија ќе придонесе за создавање компании со поголем капацитет и експертиза што можат да ја задоволат побарувачката на странските компании. Потоа, потребни се пакет-мерки за домашните компании, кои вклучуваат: даночни олеснувања, државно земјиште и грантови со отплата без каматна стапка за нови инвестиции и зголемено производство на суровини и инпути. Мерки за подобрување на процесот на стандардизација, односно да се обезбедат субвенции за подобрување на стандардизацијата и сертификацијата – споменува Трајковска.
Дополнително, вели таа, потребна е стратегија за субвенционирање на домашните бизниси преку покривање 50 отсто од трошокот за воведување стандарди и сертификати и преку покривање 100 отсто од трошоците за обуки на персоналот што ќе ги спроведува стандардите и сертификатите во рамките на компаниите, како и грантови за сите воведени стандарди што ќе ја зголемат соработката, кои ќе се отплатат врз основа на успешноста во стекнување нови клиенти – странски компании.