фото: Приватна архива

На 22 април, вторник, познатиот македонски музичар и композитор, Благој-Блаж Маротов во Малата сала на македонската Филхармонија, со почетокот во 20 часот ќе одржи солистички концерт, прв во неговата кариера, долга речиси половина век.

– Досега сум имал рецитали како изведувач на контрабас и соло, сум свирел и со Филхармонија, но како вокален солист ова ќе биде мој прв солистички концерт. На мое големо задоволство на сцената, заедно со мене ќе бидат и моите гости: легендата Перо Христов, со една убава причина, мојата животна сопатничка Јуле Маротова и младиот и надежен музичар Иван Кукиќ. На виолина ќе не придружува Илија Филиповски, на хармоника Војче Петрушев и секако членовите на мојот бенд: Бојан Ивановски – гитара, Бојан Маротов – клавир, Гоце Маротов – бас, Трајче Трајчевски – тапани и Лена Заткоска-Маротова – придружен вокал. Се подготвувавме за коцнертите, кај мене дома, во семејната музичка работилница и се надевам дека сме подготвени за средбата со публиката. Посакувам добар концерт и искрено се надевам дека се ќе помине одлично – ни рече Маротов.

фото: Приватна архива

Тој дополни дека целиот живот патува низ повеќе музички жанрови, па така ќе биде и во вторник.

– Оваа вечер ке биде романтично потсетување на моја авторска музика, во што ќе ми помогнат моите гости придружувани од мојот бенд. Желба ми е празничниот дух по Велигденското чествување да го продолжиме со нашите изведби, во миговите кога како држава се наоѓаме пред тешки предизвици. Затоа ги поканувам сите вљубеници на убавата македонска песна да дојдат и заедно да уживаме – додава тој.

Благој-Блаж Маротов веќе половина век е присутен на македонската музичка сцена. Сѐ почна од неговото учество на „Златно славејче“, а потоа следеше школувањето и првите настапи во оркестрите на МРТВ. Завршил Музичка академија во Скопје, а долги години работи како професор во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што предава контрабас. Повеќе од 15 години свирел со Македонската филхармонија, а како член на разни оркестри, чест гостин е на програмите на националните телевизии. Настапува и соло, но и во „Дует Маротов“, со сопругата Јуле, но и со синовите како трио „М кантабиле“, кое изведува инструментална музика од сите меридијани..

По излегувањето на албумот „Среќа барам“ во 2021 година, Маротов издаде неколку синглови како: „Лаго моја“, „Нека се вратат времиња златни“, „Забораваш“, „Животот е епизодна мода“, „Сплотеност љубов и мир“ и последната „Бог да ми даде сила“. Наскоро планира и нов албум, а редовно настапува и на фестивалите на забавна музика, дома и во регионот.

– Најубаво се чувствувам кога на настап се сплотувам со публиката, кога таа ми возвраќа на вибрацијата која ја испраќам. Тоа чувствто ме допира, се памети, и за таа вибрација живеам од мали нозе. Кога ќе се роди тој конект на материјалното воопшто не помислувам. Се надевам дека тоа чувство ќе го доживеам и на концертот во Скопје – вели Блаж Маротов.

фото: Приватна архива

Само по два дена по средбата со скопската публика, на 24 април во домот на културата „Антон Панов“ следува концерт и во Струмица, а во моментот се преговара и за одржување концерт во Гевгелија.

Концертот во Скопје ќе го снима приватна продукција, а подоцна ќе биде поставен и на Јутјуб и прикажан на неколку телевизии.

М.Т.