Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Цените на билетите за финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалери се непроменети од минатата година за повеќето гледачи на финалистите, со големи зголемувања само за седиштата од висока класата, објави Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Секој финалист ќе добие по 18.000 билети за мечот на 31 мај на стадионот на Баерн во Минхен со цена од 70 евра. Тоа е иста цена како и најевтините билети за финалето во 2024 година, одиграно на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Значителни зголемувања на цените има за двете највисоки категории на седишта. Највисоката цена на билетите порасна од 713 евра минатата година на 950 евра, а билетите од категоријата 2 се зголемиле од 500 евра минатата година на 650 евра, соопшти УЕФА, пренесе АП.
Приходите од билетите од финалињата на клубовите на УЕФА влегуваат во вкупната сума од милијарди евра приход од радиодифузни и комерцијални зделки, кои главно им се враќаат на стотици клубови секоја сезона како парични награди и солидарни исплати, пишува АП. Реал Мадрид, победникот на Лигата на шампионите минатата година, доби најголема парична награда, 154 милиони долари од УЕФА.
Европската фудбалска унија соопшти дека 38.700 билети од 64.500 достапни за финалето на ЛШ во Минхен се продаваат „директно за гледачите и за пошироката јавност“. Покрај квотите за финалистите, гледачите низ светот можат да купат дополнителни 2.700 билети на интернет-страницата на УЕФА. Купувачите се ограничени на два билети. Повеќе од 25.000 билети се резервирани за спонзори, радиодифузери, национални фудбалски федерации и гости на УЕФА, пишува АП. Н.М.