Платформата „Синесквер“ продолжува да ги носи најдобрите европски детски филмови до младата публика. Повеќе од 25 внимателно селектирани филмови за деца од шест до 12 години сега се достапни за гледање во земјава преку каталогот „Кидсквер“ – и тоа по промотивна цена од само едно евро. Каталогот опфаќа врвни европски детски филмови, меѓу кои: „Карирана нинџа“, „Смрдушковци“, „Луси гангстерката“, „Младиот Винету и изгубените биволи“, „Летни бунтовници“, „Вау – порака од вселената“, „Викторија мора да замине“, „Дури и глувците одат во рајот“ и многу други.
„Кидсквер“ ја збогатува филмската понуда со елементи на гејмификација, овозможувајќи им на децата интерактивно искуство преку игри и квизови поврзани со филмовите, при што корисниците собираат поени што можат да ги искористат за дополнителна забава.
– Нашата цел е да ја доближиме висококвалитетната европска детска содржина до поширока публика, на достапен и иновативен начин. Со „Кидсквер“ создаваме уникатно искуство што комбинира филм, едукација и забава, а цената од само едно евро овозможува што повеќе деца да уживаат во овие креативни содржини – велат од „Катавеј“.
Филмовите од „Кидсквер“ се достапни преку платформата „Синесквер.нет“ како дел од проектот координиран од „Катавеј“ во партнерство со Полска и Италија, кофинансиран од програмата „Креативна Европа – МЕДИА“.