Фото: „Нова Македонија“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), заедно со сите единици, донира 3.800.000 денари на Црвен крст на Македонија, наменети за финансиска помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.

-Трагичниот настан што одзеде голем број животи предизвика огромна болка во целото наше општество, која никогаш нема да биде надмината. Во овие тешки моменти, кога голем број семејства изгубија синови и ќерки и кога огромен број млади луѓе закрепнуваат од тешките последици што ги предизвика огнената стихија врз нивното здравје, од исклучителна важност е да бидеме солидарни и да помогнеме за барем малку да го олесниме нивното закрепнување – наведуваат од УКИМ.

Од Универзитетот им посакуваат на сите повредени од пожарот што настана во дискотека во Кочани, поскоро враќање во нивните домови во стабилна здравствена состојба.

-Се случи трагедија од огромни размери и ние, како институција чија дејност е посветена токму на младите луѓе, изразуваме голема надеж дека случајот ќе има скорешна разрешница од страна на надлежните институции и дека правдата ќе биде задоволена, со што, барем малку, ќе стивне општествената тага – истакнуваат од УКИМ.

Од Универзитетот изразуваат верување дека одделените финансиски средства ќе помогнат во овие тешки моменти, а посветеноста дека ќе го докаже единството на македонското општество.