За разлика од претходните неколку години, кога на музејот „Западна Македонија во НОВ“ од Кичево му се доделуваа средства за помал број на проекти, годинава од овој музеј финансиски ќе бидат поддржани дури четири проекти.
– Во оваа календарска година четири проекти на нашиот музеј финансиски ќе бидат поддржани од Министерството за култура и туризам со 300.000 денари. Овие проекти ќе се реализираат во периодот од мај до октомври – потврди директорката на музејот Валентина Вељаноска.
Со првиот проект ќе бидат извршени превентивно-конзерваторски работи на вовчето „Кирчо“, за што ќе бидат потрошени 100.000 денари, а ќе се реализира во периодот мај-јуни. Вториот поддржан проект ќе биде проектот „Детски игри во 20 век во Кичево и Кичевско“, за што ќе бидат наменети 50.000 денари, а ќе се реализира во периодот мај-јуни. Третиот проект е изработка на музејски каталог за деца со посебни потреби од Кичево и околината во периодот 1941-1944 година, а ќе биде поддржан со 50.000 денари и ќе се реализира во периодот септември-октомври.. Четвртиот проект се однесува на организирање работилница за децата од кичевските градинки на темата „Соживотот во сегашноста и запознавање со минатото“. За овој проект Министерството обезбеди 100.000 денари.