(Билјана Станковска, „Растурен круг на времето“, Феникс, 2018)

Лириката обично се поврзува со конкретни односи, со личности, со чувства и со емоции, со атмосфера на интимности, со негување лузни и, поретко, со радости, со восхит и со високи восфалувања. Со благост и со топлина, со копнеж и со тешка носталгија. Нејзе ѝ принадлежи и определен, препознатлив јазик, таа се потпира на избрана лексика што од искони го носи лирскиот текст. Така е тоа, најчесто.

Понекогаш, меѓутоа, во несомнено лирската атмосфера, во чистата сфера на лирското, наидува бран од областа на размислата, од рефлексивните подрачја, па лирското ткиво на текстот бидува проткаено, проникнато со изрази, искази, термини и синтагми, со една навидум несоодветна лексика за чистиот лирски пев. Велам навидум несоодветна, затоа што се покажува дека лирската песна не е толку еднонасочна, дека како сопствен посед ги препознава и длабинското промислување и толкување на сенестите сфери со кои се соочува кревкото човечко суштество, дека додека пее не се откажува истовремено и да биде, макар со своите затскриени зони, голема запрашаност пред непроѕирното, да заприлега на коментар, на есеистичка замисленост над вечните прашања, да изрази двоумење, колебливост, или обратно, да се спротивстави, да пркоси, без да ја доведе во прашање сопствената лирска природа.

На тој начин песната само ги ставила во погон сопствените резерви на притаените капацитети што ги содржи лирското, а кои најчесто остануваат неразбудени, неподбудени кон чин и кон дејство. А кога тоа ќе се случи, песната се појавува поцелосна, позаокружена, со подлабок лирски глас, повеќеслојна и побогата во своите лирски реферати.

На ваква размисла поттикнува најновата поетска книга на нашата истакната поетеса Билјана Станковска. Со насловот „Растурен круг на времето“ таа како да предлага разговор на една тешка, одговорна, крајно апстрактна и непроѕирна тема – „Феноменот на времето“, категорија што, како што е познато, ги измачувала најголемите умови уште од антиката до денес. Се покажува, сепак, дека книгата на Станковска останува и покрај тоа респектабилна лирска збирка во која чисто лирското, (без оглед колку е тоа двосмислено и тешко дефинирливо), сепак води, го носи текстот, тоа е основната матица, изнесувајќи ги одвреме-навреме рефлексивните фрагменти, армирајќи го околното емотивно, возбудено и возбудливо ткиво на певот со наноси од плодоносна задуманост над светските и житејски равенки и загатки.

Како што напредува во збирката читателот така открива дека песните како да се фатени во некаков виорен танец, кој со секоја нова песна го шири регистарот на тематски единици од истиот поимски круг, но секој наслов омеѓува сопствен ареал од големата лирско-епска задача, искревајќи го сопственото знаме врз конкретна тематска област, запоседнувајќи од неа посебни тематски парцели и зони. Па, така во бранови наидуваат временски блокови, фрагментирајќи ја основната, сложена именка од насловот или, да се послужам со инвентивното заглавие на збирката, растурајќи го кругот на времето. Затоа е можно во овие подбудени песни времето да ни се открива во своите внатрешни оддели, сегменти и ликови, па еднаш е тоа целото и компактно време, со својот замислен, замислуван облик, кој, меѓутоа, набргу, рековме, од песна во песна ќе започне да се рони, да се урива навнатре во своите несогледливи длабочини и капацитети за пак да изнурнува во сè нови и нови обличја.

Како што се развива певот така времето се преобразува во светлосен миг, во неодминлив ден, па станува запленето време, некогаш е глува доба, другпат ден предизвик, па светлосен и исклучителен миг и така натаму. Се разбира, сè се тоа возбудливи наслови, лирски предлози за една читателска соработка, за учество во овој чудесен вртеж на неочекуваните временски појави и состојби. Тоа е, би рекле, онаа голема рамка, контекстот во кој се врамени лирските навеви, благостите и зачудностите пред таинствата не само на минливоста туку и на сите конкретни житејски мигови што го исполнуваат, го иритираат, го замислуваат или го восхитуваат лирското јас на овие песни. Интересно е што во еден ваков рефлексивно интониран ритам и пев ненаметливо, дејствено и уверливо творбено се вградени интимните трептежи и релации меѓу лирската јунакиња и едно таинствено лирско ти, чие присуство особено ги наклонува овие песни кон недвосмислен лирски ѕун.

Еве, чујте како во оваа рефлексивно тематски поставена поезија е втиснат крајно ферментиран лирски медалјон:
„Ти дојде
доверлив,
одмерен и одважен,
со реч пеење.
Дојде облеан со
прочистена светлина
како јунско утро
по дождлива ноќ“.
Ваквата амалгамираност на интимното со контемлативното несомнено сведочи за ефикасна креативна стратегија, зашто читателот ќе се присети дека на истите страници на оваа книга имаме и вакви стихувани коментари за трансформациите на временските блокови:
„Верувам,
времето не исчезнува,
само длабоко се поместува“.
Билјана Станковска на уверлив творбен начин ги доближува овие две страни на нејзината лирска возбуда, па така во песната „Загубено време“ топло ќе му се обрати на лирското ти со предлог за заедничка размисла и толкување на феноменот на времето што толку ја возбудува:
„Седни до мене
да направиме пресметка на
вложеното време“.

Упатен до саканата личност, овој предлог, овој повик бездруго го подразбира и читателот, кој, веќе навлезен во овој лирско-рефлексивен свет, ниту може ниту би сакал да остане на растојание од чувствата и коментарите во стиховите и тоа е, секако, висок комплимент за овие сложени текстови оформени во стихови.
Секако дека во овој кус приказ на доблестите на збирката на Станковска нужно ќе мора да изостанат осветлувањата на голем број творечки потези, но барем да укажам на слика-две, кои се издвојуваат со исклучително чувство за моделирање на текстот преку мајсторска употреба на фигуративниот пристап.

„Како истурени зрна
од килибар
сè уште, одвреме-навреме,
во сè проблеснува
понекој миг“.

Или:

„Ја бранувам светлината
како тешка свила над
длабоките води и
далечните патишта“.

Билјана Станковска е поетеса, која веќе одамна има свое достоинствено место во современата македонска литература, (освен како поетеса, уште и како раскошна раскажувачка, – нејзини раскази повеќепати се наградувани на конкурсот за расказ во овој ценет весник – потоа романсиерка и авторка на книги за деца и млади), а со поетската книга „Растурен круг на времето“ таа на најубав и најуверлив творечки начин сведочи за целосната зрелост до која еден литературен творец може да се искачи кога располага со предиспозиции, со посветеност, би рекол дури со целосна обреченост на литературната уметност, наспроти многубројните житејски одвлекувања и несовпадливости што можат да се испречат пред намислата на творецот.

Санде Стојчевски