Васил Стерјовски / Фото: приватна архива

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ќе настапи во коалиција со
Социјалистичката партија на Албанија, а лидерот на Македонската алијанса за
европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на претстојните парламентарни
избори во Албанија ќе влезе во трката за пратенички мандат

Во пресрет на мајските парламентарни избори во Република Албанија

Лидерот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој на претстојните парламентарни избори во Албанија е во трка за пратенички мандат, се обрати до Македонците во округот Корча за да го поддржат, порачувајќи дека „вашата поддршка е наш заеднички успех“.
– На овие избори, единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, настапува во коалиција со Социјалистичката партија. Во согласност со договорот за коалицирање, јас сум кандидат на изборната листа на Социјалистичката партија за округот Корча. Од 143 кандидати што се натпреваруваат во округот Корча, од 11 партии и коалиции, јас сум единствениот Македонец во трка за пратенички мандат – предложен од Македонска алијанса за европска интеграција. Упатувам искрена благодарност до Социјалистичката партија, која ни даде можност да се најдеме на нивната листа. Мојата искрена благодарност и до Македонската алијанса за европска интеграција, за поддршката и довербата да ја претставувам македонската заедница во Албанија во овој важен политички процес – ни изјави лидерот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Реализација на интересите на македонското малцинство во Албанија преку институциите во системот

Лидерот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во разговорот истакна дека „на Македонците во Албанија им недостига претставнички мандат во Собранието на Република Албанија“ и дека „долги години изборните закони беа дискриминаторски кон националните малцинствата, оневозможувајќи ни да имаме свој глас во законодавната власт“.
– Во претходниот мандат, како пратеник, предложив законски измени за гарантирани квоти за националните малцинства. За жал, големите партии сè уште немаат политичка волја и слух да ги прифатат овие промени, иако декларативно зборуваат за албанското општество како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. Сепак, како Македонци во Албанија не се откажуваме од таа амбиција. Продолжуваме да ги користиме сите можности за учество на изборите, да осигуриме – македонскиот глас повторно да се слуша во Собранието на Република Албанија – нагласи Стерјовски.
Тој истакнува дека во својот претходен мандат чесно и посветено работел за Македонците и за сите граѓани на округот Корча и верува дека единствениот начин да се изборат за подобри услови за живот и за интеграција на македонската заедница во институциите на системот е преку активна политичка борба.
– Само преку институциите можеме да издејствуваме промени и да ги подобриме условите за живот и работа. Ја барам вашата поддршка – за повторно од говорницата на Собранието на Република Албанија да ги иницирам сите прашања што нè засегаат како Македонци на целата територија на Република Албанија – во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, Тирана, Корча, во поголемите градови во Албанија. Поддршка барам од припадниците на сите национални малцинства во округот Корча, да бидам нивниот глас, но и на секој граѓанин што сака развој и напредок на нашиот регион – порачува тој.

Измени во Изборниот законик

Лидерот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, ги информира гласачите дека со новите измени во Изборниот законик, за првпат, ќе може да гласаат директно за неговото име на гласачкото ливче.
– За Преспа, за округот Корча, за Македонците во Албанија! Вашата поддршка е наш заеднички успех! Гласајте за Васил Стерјовски за пратеник, гласајте за вашиот глас во Собранието на Република Албанија – апелира на крајот од објавата Стерјовски, барајќи го гласот на Македонците во изборната единица Корча.
Стерјовски (43) јавно се декларираше тоа што е – Македонец, а благодарение на неговото обраќање за првпат се слушна македонскиот јазик во парламентот на Р Албанија. Д.Ст.


Албанското МНР се извини за етикетирањето на
македонската заедница како „северномакедонска“

Македонската алијанса за европска интеграција реагираше на етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „северномакедонска“ од страна на албанската амбасадорка во Софија во интервју за бугарски медиум. По овој случај, МАЕИ упати писмена реакција до повеќе институции, меѓу кои Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, народниот правобранител, комесарот за заштита од дискриминација, делегацијата на ЕУ во Тирана, канцеларијата на Советот на Европа во Тирана, американската амбасада во Тирана и македонската амбасада во Тирана.
Во реакцијата, МАЕИ побара јавно извинување од албанската амбасадорка и преземање мерки од страна на МНР за спречување слични случаи во иднина, кои сериозно ги нарушуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции.
По барањето на МАЕИ, народниот правобранител на Албанија отвори административна истрага и побара објаснување од Министерството за Европа и надворешни работи. Во својот одговор до народниот правобранител, МНР истакна дека употребата на оваа терминологија била лапсус на албанската амбасадорка во Софија, без никаква заднина, и дека ги преземале сите неопходни мерки за вакви ситуации да не се повторуваат од страна на нивни функционери, велат од партијата на Македонците во Албанија.
Дополнително, информираа и дека Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија ѝ се извини на македонската амбасада во Тирана.


Стерјовски: Националната трагедија во Кочани нè потсети колку сме поврзани, ги потврди семакедонската сплотеност и единство, без разлика на границите!

Објавувајќи ја својата кандидатура за пратеник, Стерјовски со длабоко чувство на емпатија и жалост се обрати до јавноста со трогателни зборови.
– Националната трагедија во Кочани се совпадна со мојата кандидатура за пратеник на претстојните парламентарни избори во Албанија, кои ќе се одржат на 11 мај годинава. Од почит кон загинатите и во знак на солидарност не ја објавив мојата кандидатура додека траеја деновите на жалост. Трагичниот настан во Кочани нè погоди сите Македонци, каде и да сме… Националната трагедија во Кочани нè потсети колку сме поврзани, ги потврди семакедонската сплотеност и единство, без разлика на границите! Во овие тешки мигови, нашите мисли и срца се со семејствата на загинатите – Бог да ги прости и вечна им слава, со пријателите, со целиот македонски народ што ја дели оваа болка, нашите молитви се со повредените за нивно најбрзо заздравување. Било, никогаш да не се повтори – наведува Стерјовски.