Во Шибеник се одржа комеморативно-културна манифестација со оддавање почит на жртвите од пожарот во Кочани. По повод Светскиот ден на поезијата, 21 Март, беше организирана специјална вечер посветена на моќта на зборовите и споменот на оние што повеќе не се меѓу нас. Годинава со писма и поетски интерпретации им беше оддадена почит на жртвите од трагичниот пожар во дискотека во градот Кочани.
– Во време кога се сеќаваме на трагедијата што погоди толку многу семејства, сакаме преку уметноста да изразиме солидарност, сочувство и вечен спомен на младите животи што се изгубени. Поезијата нѐ учи како да ја пронајдеме убавината низ тагата и како зборовите можат да изградат мост меѓу болката и надежта – беше кажано на настанот.
Во рамките на културната манифестација „По стапките на пишаниот збор“, во соработка со здружението „Марија Јуриќ Загорка“, се одржа манифестацијата „Гласот на жената низ времето – Писма на Марија Јуриќ Загорка“. Писмата на Загорка ги читаше Дубравка Видовиќ, претседателка на ова здружение, а своја поезија читаа поети од Шибеник. Покровител е Советот за национални малцинства на Република Хрватска.