Во Книгата на жалост во Собранието на Македонија отворена по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во неделата рано наутро денеска се потпишаа вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, пратеници, градоначалникот на Гази Баба Орце Стефковски, претседателот на Алтернатива Зеќирија Ибраими, вработени во службите на Парламентот и граѓани.
Сите оние граѓани кои ќе сакаат да се потпишат во Книгата на жалоста во Собранието, тоа ќе можат да го направат во следните пет дена од 10:00 до 19:00 часот.
Собранието вчера соопшти дека претседателот на Собранието Африм Гаши ја отворил Книгата на жалост по трагедијата во Кочани, согледувајќи дека во овие моменти на болка за сите нас е важно да останеме обединети.
-Со скршено срце, вознемирен дух, длабоко емотивно трогнат, ги пишувам овие редови во оваа Книга на жалост, со надеж ова да биде последната Книга на жалост отворена во ова Собрание – напиша Гаши посочувајќи дека загинувањето на овие млади момчиња и девојки е последниот аларм за сите политички и општествени фактори.