Ленка има поливалентно творештво: педагошко, литературно, издавачко и опредметено во генерациите што му ги предаде подготвени на животот за да ја градат нашата Република Македонија, вели Мишо Китаноски
Одржана беседа за проф. м-р Ленка Гогоска (1940-2024) во Домот на културата
„Билјана Беличанец“ во скопската општина Кисела Вода
Во организација на Сојузот на просветни работници на Македонија и на семејството, во домот на културата „Билјана Беличанец“ во скопската општина Кисела Вода, минатата среда, постхумно, на денот на нејзиниот прв роденден без физичко присуство се одржа настанот насловен „65 години просветителска и хуманитарна дејност на професорката Ленка Гогоска, родена Попоска“.
Организатори беа Сојузот на просветни работници на Македонија и семејството на професорката.
Присутните соработници, колеги, професори, нејзини поранешни студенти и ученици беа дел од беседата. За професорката зборуваа претставници на Сојузот на просветни работници, најстарата организација на просветители, и тоа: Слаѓана Стаменкова, Раско Лозаноски и Билјана Мишева. Тие зборуваа за исклучителниот придонес на проф. Гогоска кон развојот на просветителската и учебникарска дејност, па оттаму и на целокупниот образовен систем.
На средбата зборуваше и почитуваниот Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеници, кој ги потсети присутните на големата донација што нејзиното семејство ја даде во октомври минатата година, 3.000 книги за училиштата, библиотеките и црковните општини на македонски јазик низ светот.
Пред присутните се обратија и две од нејзините студентки во име на сите студенти – Лина Матеска, наставничка во ООУ „Владо Тасевски“ од Скопје, која со поклон ја поздрави професорката, и Виолета Јаневска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“ од Петровец, која сподели искуства од сето она што Гогоска како професорка ѝ го дала нејзе и на другите студенти и за нејзиниот однос кон нив како идни воспитувачи. На емотивното среќавање присуствуваше и Весна од Гостивар, една од нејзините први ученици, која не можеше да ги скрие солзите, како и повеќето од присутните.
Познатиот македонски новинар, автор и публицист Мишо Китаноски, рецензент на неколку дела на Ленка и нејзин пријател и соработник 50 години, ги воодушеви сите со својата реч за професорката, која, како што рече, го добила името по познатата песна на Кочо Рацин.
– Ленка Гогоска, моминско Попоска, беше меѓу најдобрите асномски учителки во Македонија, неповторлива, незаменлива и никогаш незаборавена. Нејзиниот подем и придонес во развојот и унапредувањето на македонското образование се должи на талентот, интуицијата, дарба да воспитува деца во патриотскиот дух и да им ја всадува љубовта кон македонскиот јазик. Втората слика за неа во мојата меморија е врежана како пријател и соработник повеќе од 50 години. Ленка има поливалентно творештво: педагошко, литературно, издавачко и опредметено во генерациите што му ги предаде подготвени на животот за да ја градат нашата Република Македонија. Таа истовремено беше и мравка и пчела, работеше како мравка, а придонесуваше како пчела. Нејзините учебници по педагогија и дидактика веќе се историја. Ленка беше теоретичар и практичар, врвно изградена и ја задолжи македонската педагошка мисла. Третиот сегмент е нејзиното авторство, таа ја збогати современата македонска литература со трилогијата „Клуч“ и е една од ретките што го сториле тоа, можеби единствена. Напиша лирско-епски роман, а пишуваше и поезија. Ленка многукратно го исполни својот долг кон македонскиот народ, кој искрено го сакаше. Таа на живот си подигна споменик! Предлагам, почесна награда за стручно популарни текстови со името на Ленка Гогоска во возобновеното списание што им е повеќе од потребно на просветните работници – рече Мишо Китаноски.
На крајот пред присутните во име на семејството зборуваше Татјана Гогоска, нејзината постара ќерка, која е новинарка и авторка и емотивно ги кажа благодатите и предизвиците да се има Ленче како мајка, баба и прабаба. Таа се потсети и на нејзината максима „џабе работи, ама џабе не седи“, нагласувајќи дека мајка ѝ била неуморна постојано да истражува во и околу себе.
На настанот присуствуваа и претставници од Општина Кисела Вода, кои беа поддршка за неговата реализација, во знак на почит кон проф. Гогоска. Водителка беше актерката Снежана Конеска-Руси, за блиските Снешка, која е наратор и во документарниот филм „Творештво врзано со семејни вредности“, од кој на крајот од средбата беше прикажан мал инсерт.
Пораката од професорката Гогоска: „Да се зборува и твори на нашиот мајчин македонски јазик е привилегија, но да се има таа можност да се образуваат нови генерации е божји благослов“, беше мотивот на оваа средба, со која се оддадоа почит и благодарност за нејзиниот голем придонес во развојот на образованието и просветителската дејност во Македонија.
М.Т.
Авторка на 37 книги, учебници, стручна, педагошка и уметничка литература
Ленка Попоска-Гогоска е родена во селото Битуше, како последно дете во многудетното семејство на учителот Исаија Попоски. На 12 години се сели во Скопје, каде што завршува основно и средно образование, тогашната Учителска школа. Потоа била распределена да биде учителка во селото Пожаране, Гостиварско. Со учителствување продолжила во родното село Битуше, а потоа била префрлена во Гостивар, каде што поминала плодни години во работа со неколку генерации деца. Во тој период го продолжила образованието и дипломирала на Педагошката академија и Факултетот за педагогија во Скопје.
Во 1989 година го одбранила својот магистерски труд „Развојот на образованието во Скопје во период од 1944 -1984 година“ и се стекнала со звање магистер на педагошки науки. Професионалната работа ѝ ги одбележува работата како советник во Меѓуопштинскиот завод за развој на образованието на град Скопје, во период од 1974 до 1989 година. Се пензионираше како професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
По пензионирањето го формира книгоиздателството „Ѕвезда“ и најмногу работеше на создавање дела од областа на педагогијата, како и уметничка литература. Автор е на над 30 книги од областа на педагогијата, дидактички материјали, прирачници, а 20 години го издаваше списанието за образование „Воспитни крстопати“.
Ленка Гогоска за време на својот плоден живот напиша 37 книги, учебници, стручна педагошка литература и уметничка литература.
Во творештвото на Попоска-Гогоска е и збирката поезија за деца „Бели насмевки“ посветена на внуците Томи и Еленче. Голема радост ѝ беа и правнуците Петра и Денко, а само неколку дена пред да се разболи, се израдува на доаѓањето на свет на правнуците Бистра и Алексеј. Нејзиниот сопруг Алимпије Гогоски, професор по историја и народна одбрана, кој пред 23 години си замина од овој свет, беше нејзина голема поддршка.
Од творештвото на Ленка Гогоска
Томи главниот
Томи беља направи
со Сандра се скара
така сметка израмни
за тепачка стара.
Цел ден нешто мрмори
сѐ не му е право
а штом чело намурти
не вели ни здраво.
Во секое друштво
сака да е главен
со големи и мали
се чувствува славен.
Особено носот
до небо го крева
кога ќе му речат дека
најсилно од сите
шутира со лева.
Еленче секогаш
знаеше да чита
На две и пол години
сериозно гледа
книгите ги мерка
знае ли што бара
таа минијатурна ѕверка.
Книгите се наредени високо
секоја како да бега,
а таа решила цврсто
да чита токму сега.
Една за око и запна
цврсто во раце ја зема
и почна да чита
без никаква трема.
Седнувајте баба и дедо
наредба гласна дава
внимателни бидете вие
приредба сега ќе правам
Седнува како на слика
врти листови бели
реченици лесно кажува
за подвизи свои смели.
(Од збирката „Бели насмевки“
на Ленка Гогоска, напишана за нејзините внуци Томи и Еленче)