Непланското работење и трошење на расположливите средства довело до тоа Фудбалската федерација на Македонија да биде во минус од милион евра, изјави новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, во своето обраќање пред делегатите и присутните на редновото генерално собрание.
-Денес, по речиси три месеци од преземањето на функцијата претседател на ФФМ, пред вас стојам со обврска да ви се обратам отворено, искрено и одговорно. Она што се случувало во ФФМ досега повеќе нема да е случај. Непланското работење и трошење на расположливите средства, довело до тоа, да Федерацијата е во минус од милион евра. Се трошело повеќе од она што се заработувало. Проектите кои што биле планирани и едноставно биле обврска, дел не се стартувану, а оние кои што биле стартувани не се довршени – рече Омерагиќ.
Омерагиќ, како што додаде, ги детектирал проблемите на ФФМ, и дека тоа се задачите што ќе ги решава во својот мандат.
На Собранието учествуваат 65 од вкупно 66 делегати од Општинските фудбалски сојузи и клубовите во рамки на системот на натпревари на Федерацијата.