Tехнолошкиот напредок на Кина не се однесува само на вештачката интелигенција туку и на полето на роботиката, електричните возила и батерии, а видно е забележлив и во секојдневниот живот во Пекинг, тесно поврзан со модерната технологија. Кинеската иновативност и модернизација незапирливо итаат внесувајќи оптимизам за подобро глобално општество, особено поради изразената определба на кинеските власти за споделување на пронајдоците и постигнатите резултати за општа благосостојба
За време на најважниот годишен политички собир во Кина – т.н. Две сесии, кој неодамна се одржа во Пекинг, се разговараше за важни прашања од повеќе сфери, надворешна политика, економија, здравство, технолошки напредок…, а веројатно најспомнуван збор за време на настанот, кој ги поврза сите овие области во една целина, претставува „Дипсик“.
– Оваа прес-конференција речиси станува технолошка. Технологијата зазема поистакната улога тука – се пошегува Ву Кинг, претседател на кинеската Регулаторна комисија за хартии од вредност, на прес-конференција посветена на економијата за време на Двете сесии, во однос на честото спомнување на кинескиот стартап „Дипсик“ и на вештачката интелигенција.
Јазичниот модел „Р-1“ базиран на вештачка интелигенција, развиен од кинеската стартап-компанија „Дипсик“, претставува глобална сензација, како и јасен знак за технолошкиот подем на Народна Република Кина што се остварува со крупни чекори. „Дипсик Р-1“ може да решава сложени математички проблеми и да одговара на прашања на исто ниво, како и најдобриот американски ривал – четботот од компанијата „Опен АИ“, со тоа што развивањето на кинескиот модел чинеше помалку од шест милиони долари според тврдењата на „Дипсик“, во споредба со стотиците милиони долари што компанијата од Силициумската Долина ги вложи во развој на својот модел.
Но технолошкиот напредок на Кина не се однесува само на вештачката интелигенција туку и на полето на роботиката, електричните возила и батерии, а видно е забележлив и во секојдневниот живот во Пекинг, тесно поврзан со модерната технологија.
Вештачката интелигенција веќе нашироко се користи во Кина
Во пресрет на прес-конференција во Големата сала на народот во Пекинг, две кинески новинарки љубезно ги прашуваа странските колеги која од две фрази на англиски јазик прикажани на таблет-компјутер им звучи подобро, објаснувајќи дека двете се преведени од кинески со помош на јазичен модел базиран на вештачка интелигенција (АИ). Ваквата анкета беше спроведена заради тестирање на способноста за превод на АИ, со цел за понатамошна употреба. Многумина од кинеските новинари забележливо го користат „Дипсик“ при нивната работа, а исто така изразија особен интерес и при разговорите со колегите од странство за нивните искуства и познавања за кинескиот јазичен модел.
– Како дел од младата генерација, јас и моите врсници користиме вештачка интелигенција подолго време, бидејќи и пред „Дипсик“ имаше повеќе јазични модели од големи размери во Кина и тие се доста корисни во пишувањето концизни извештаи и помагаат во пребарувањето по информации. „Дипсик“ е уникатен по пристапот со отворен код и неговиот индукциски капацитет и функционира подобро од други модели во одредени области, врз основа на моето лично искуство – вели Џанг Хан, новинарка од Пекинг, во изјава за „Нова Македонија“.
При Двете сесии беше истакната определба за давање приоритет на технолошките иновации и нивна интеграција во други сфери како што се индустријата и здравството, што веќе се спроведува.
– Мислам дека вештачката интелигенција веќе се применува во многу индустриски сценарија, како што се системите за паметни градови, со што обично надлежните ја користат за следење на сообраќајот, временските услови, природните непогоди итн. Има и експериментална зона во Пекинг каде што можете да видите самопилотирачки автомобили. Но тие не се толку „паметни“. За навистина паметни модели со вештачка интелигенција, вклучително и за „Дипсик“, мислам дека примената во индустријата е поприфатлива, бидејќи има простор за прифаќање одредени дефекти. Но употребата во здравството и во домаќинствата треба внимателно да се проучи пред одобрување бидејќи овие сценарија директно влијаат на безбедноста на луѓето. Еден делегат на Националниот народен конгрес спомна дека при дијагностицирање и издавање лекарски рецепти, вештачката интелигенција можеби нема да може сеопфатно да размисли за состојбата на пациентот и притоа последиците можат да бидат тешки. Затоа сè уште е неопходна конечна проверка од лекар. Мислам дека вештачката интелигенција може да помогне да се зголеми ефикасноста во многу аспекти, но не е време да го дадеме конечниот суд – заклучува Џанг Хан.
Успехот на „Дипсик“ внесува самодоверба меѓу кинеските иноватори
Извонредниот напредок на Кина во секторот за вештачка интелигенција и роботика беше потенциран и од страна на Ву Фенгли, претседател на компанијата „Гуангдонг топстар технолоџи“ (Guangdong Topstar Technology Co.), при групна дискусија меѓу делегати од Гуандонг при Националниот народен конгрес со претставници на медиумите во Пекинг, што привлече голем број домашни и странски новинари. Во фокусот на дискусијата во организација на Секинеското здружение на новинари (АЦЈА) беа обновливите извори на енергија, индустријата за електрични автомобили, процесите за рециклирање батерии, вештачката интелигенција (АИ) и роботиката. Покрај Ву Фенгли, на дискусијата учествуваа и Ли Чангдонг, претседател на „Гуангдонг брунп рисајклинг технолоџи“ (Guangdong Brunp Recycling Technology Co.), и Хе Шијаопенг, претседател на „Гуангдонг експенг моторс технолоџи“ (Guangdong XPENG Motors Technology Co.).
– Успехот на „Дипсик“ внесе самодоверба кај иноваторите во Кина, а може да придонесе и за диверзификација на технолошката сцена. Порано првенствено го гледавме перформансот на хардверот, а сега бараме начини како да го подобриме системот за одлучување, односно интеграцијата на сите функции во еден систем – наведе Ву Фенгли.
За време на дискусијата, од делегатите беа изнесени намерата за соработка помеѓу кинески компании со цел создавање паметни хуманоидни роботи и визијата за масовно производство на летачки автомобили, а беа споделени и перспективи за истакнатата улога на Кина во процесите за рециклирање батерии и на одржлив развој.
На маргините на настанот беше претставен робот активиран од вештачка интелигенција способен да се движи автономно и да се вклучи во разговор, што привлече големо внимание меѓу присутните новинари, кои му поставија голем број прашања.
Кинеската иновативност и модернизација незапирливо итаат внесувајќи оптимизам за подобро глобално општество, особено поради изразената определба на кинеските власти за споделување на пронајдоците и постигнатите резултати за општа благосостојба.
Силна порака на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји
Ниедна блокада не е доволно силна за да ја запре кинеската иновација
Кина ќе ја разбие најжестоката бура на блокади и попречувања на кинеските научни и технолошки иновации, нагласи категорично кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на минатонеделна прес-конференција, давајќи одговор на прашање за неговиот став за кинеско-американската конкуренција во науката и технологијата, по импресивната појава на „Дипсик“, кој ја покажа иновациската способност на Кина на полето на вештачката интелигенција.
– Како што вели еден древен кинески стих: ниту една планина не може да го запре надоаѓачкиот проток на силна река. Слично на тоа, високите огради и малите дворови не можат да го потиснат духот на иновативноста, а раздвојувањето и нарушувањето на синџирите на снабдување единствено ќе доведат до самоизолација – рече шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји.
Тој исто така истакна оти науката и технологијата не треба да се користат за поставување железна завеса, туку треба да бидат богатството што ќе биде споделено и ќе биде од полза на сите.
– Подготвени сме да ги споделиме плодовите од нашата иновација со повеќе земји и заеднички да ги истражуваме мистериите на ѕвездите и океаните – посочи министерот Ванг Ји. М.Ж.
Движечки сили зад технолошкиот развој на Кина: силна економија, поволни владини политики, голема конкуренција и многубројно население
Новинарката од Пекинг, Џанг Хан, ги посочува силната економија, поволните владини политики, големата конкуренција во технолошкиот сектор и многубројното население на Кина како движечки сили на кои се должи севкупниот технолошкиот развој на Кина, притоа напоменувајќи оти вештачката интелигенција претставува само еден аспект од тековниот напредок.
– Вештачката интелигенција е само еден аспект од севкупниот технолошки развој на Кина во последниве години, на кој јас лично се чувствувам горда, и мислам дека зад себе има повеќе движечки сили. Меѓу нив спаѓа економската подлога, бидејќи многу од најсовремените технологии и пронајдоци можеби нема наскоро да се применуваат и да донесат профит, така што инвестициите во тие области би можеле да бидат луксуз. И воспоставено е ново финансирање за насочување на инвестициите во технолошките области, според најавата објавена на Двете сесии. Друга движечка сила се и поволните владини политики. Вообичаено прашање што се поставува по „Дипсик“ е „зошто Хангџоу“ (познат како технолошки центар на Кина – н.з.)? Па, постојат неколку кинески града каде што локалните власти ги обезбедуваат сите можни погодности за технолошките стартапи, на пример, лесни процедури за регистрација, домување, повластени даночни политики и друго. Уште една движечка сила е појавата на голема конкуренција, што доведе до враќање и останување на најталентираните кадри во Кина, кои во спротивно можат да студираат и да вршат истражувања во странство, како и повисок морал за уривање на монополот во одредени области. Позитивна движечка сила претставува и многубројната популација, бидејќи значи дека при појавата на нови пронајдоци, ќе има доволно луѓе заинтересирани за нив. Тие се првите тестери на одреден производ или технологија и првата група купувачи – објаснува Џанг Хан.
Милко Живковиќ, наш известувач од Кина