Нема да се предадеме предвреме, се подготвуваме, ги анализираме тие 40 минути од играта на првата средба, кои сега ќе треба да ги поправиме, вели македонскиот голман Митревски, пред утрешниот дуел во Копер против Словенија
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, утре ќе биде пред нов голем предизвик во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и во Шведска. Во рамките на четвртото коло од групата еден, црвено-жолтите повторно ќе ги одмерат силите со силната селекција на Словенија, но сега на гостински терен, во Копер (18.30 ч.). Како што е познато, изминатава среда во преполнетиот СЦ „Борис Трајковски“, Македонија загуби со 26-32 од Словенија, која настапи со ослабен состав, иако на полувремето водеше со еден гол предност (16-15). Според последните информации што доаѓаат од Словенија, влезниците за натпреварот, кој ќе се игра во спортската сала „Бинифика“, веќе се распродадени, но се очекува македонските ракометари и тука да имаат поддршка и од своите навивачи.
Македонските ракометари изминатите два дена ги искористија за анализа на играта и причините за поразот од Словенците во Скопје, а селекторот Лазаров дополнително повика нов ракометар за дуелот во Копер. Се работи за пикерот на Вардар, Михаил Аларов, кој се приклучи на репрезентацијата на местото на повредениот Никола Маркоски. Претходно од комбинација за составот отпадна и левото крило Петар Атанасијевиќ, а два дена пред првиот меч со Словенија се повреди левиот бек Дамјан Митев. Кај словенечкиот состав, во Скопје не настапија дури 11 играчи поради разни повреди, па до вчера сѐ уште не беше прецизирано дали некој од нив ќе се врати во репрезентацијата.
– Во Словенија ќе биде поинаку, оти нема да ја имаме поддршката од 7.000 навивачи како во Скопје. Против вакви селекции е мошне тешко да се игра во ист ритам, но сме играле такви натпревари. Нема да се предадеме предвреме, се подготвуваме, ги анализираме тие 40 минути од играта на првата средба, кои сега ќе треба да ги поправиме – вели македонскиот голман Никола Митревски.
Со слично мислење е и централниот бек Марко Митев.
– Проблемот е до нас. Треба посебно да ја поправиме играта во одбраната, но и во нападот на натпреварот што нѐ очекува. Се надевам на позитивен резултат и да ги изненадиме Словенците. Нашата цел е пласман на Европско првенство и тоа мора да го оствариме – додава Митев.
Во вториот натпревар од групата еден, Литванија на свој терен ќе игра со Естонија. Литванците и во претходниот дуел на гости убедливо ја совладаа Естонија со 30-20 и избија на второто место на табелата со четири бода. Македонија моментно е трета со два бода, Естонија четврта без бодови, додека прва е Словенија со максимални шест бода, односно три победи. Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четири најдобри меѓу третопласираните обезбедуваат пласман на ЕП 2026. Македонија засега е четврта меѓу третопласираните селекции. Г.И.
ГРУПА 1
Литванија – Естонија утре 15 ч.
Словенија – Македонија утре 18.30 ч.
ТАБЕЛА
Словенија 3 3 0 0 97-79 6
Литванија 3 2 0 1 84-83 4
Македонија 3 1 0 2 90-94 2
Естонија 3 0 0 3 81-96 0