Иако минимален, играчот оствари контакт со топката пред да ја шутне. УЕФА ќе влезе во разговори со ФИФА и со ИФАБ за да се утврди дали правилото треба да се преиспита во случаи кога двојниот допир е очигледно ненамерен, пишува во соопштението на УЕФА, пренесе „Ројтерс“
ФУДБАЛ
Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека е донесена правилна одлука да се поништи пеналот на Хулијан Алварез во поразот на Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите (ЛШ) од градскиот ривал Реал Мадрид во средата, но управното тело на европскиот фудбал ќе влезе во дискусија за да го преиспита правилото, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Атлетико Мадрид се обрати до Европската фудбалска унија откако судијата го поништи голот од пенал на Алварез во реваншот на осминафиналето.
Алварез се лизна и системот видеопомошник-судија (ВАР) забележа дека левата нога малку ја допре топката пред да ја шутне со десната. Само еден допир е дозволен, па голот беше поништен, а со него би бил израмнет резултатот во пенал-серијата на 2-2.
– Иако минимален, играчот оствари контакт со топката користејќи го стапалото на ногата на која стои, пред да ја шутне топката. Според сегашните правила, ВАР мораше да го повика судијата со сигнал дека голот треба да биде поништен. Европската фудбалска унија ќе влезе во разговори со Светската фудбалска федерација (ФИФА) и со Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) за да се утврди дали правилото треба да се преиспита во случаи кога двојниот допир е очигледно ненамерен – пишува во соопштението на Европската фудбалска унија, пренесе „Ројтерс“. Н.М.