Во пресрет на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, придружен член на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, оваа година, по 29-ти пат организира Меѓународен научен собир. Организацискиот одбор оваа година се определи за темата „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“.
– Изборот на годинашната тема претставува надоврзување на една претходна традиција, во развојна смисла, како збогатување на континуитетот на децениската јазично-културна динамика во Македонија. Медиумите се најдостапен извор на податоци за учење и за проучување на јазикот зашто силно дејствуваат во обликувањето на јазикот на една заедница, а истовремено се и многу влијателен фактор во градењето на културниот, општествениот и политичкиот живот на таа заедница. Медиумските текстови денес имаат општествена функција и се еден вид „конверзација“ за актуелни прашања. Оваа широкопоставена тема ги опфаќа следниве поттеми: медиумите и нивното влијание врз јазичната норма; 80 години македонска азбука и правопис (од традиционални до современи медиуми); функционално-стилски особености на јазикот во медиумите; критериуми за жанровско систематизирање и категоризација на јазичниот израз на медиумските текстови – основа за лингвистички истражувањa; улогата на новите медиуми во обликувањето на современата комуникација и во информирањето, но и како предмет на проучување на многу дисциплини и др. – велат од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Насловот на рефератот со апстракт и клучни зборови се очекува најдоцна до 1 мај на електронската адреса [email protected].
Меѓународниот научен собир ќе се одржи на 15 и 16 мај. Од собирот ќе се отпечати зборник со реферати. Во меѓународниот организациски одбор се: Снежана Велковска (почесна претседателка), Олгица Додевска-Михајловска (почесна членка), Елена Јованова-Грујовска (директорка), Катица Топлиска-Евроска (претседателка), Фани Стефановска-Ристеска (секретарка), Лилјана Макаријоска, Лидија Тантуровска, Светлана Давкова-Ѓоргиева, Мери Јосифовска, Кристина Тодоровска, Марија Пандева, Ален Калајџија, Маќеј Кафка, Борјана Прошев-Оливер и Станислав Станковиќ.