Фото: Пиксабеј

Приближно две илјади уметнички дела постојано изложени на 12.000 квадратни метри на четвртото и петтото ниво ќе бидат пренесени во магацини, депоа и во други музеи во Париз и Франција или во странство

Светот е сцена

Парискиот музеј за модерна уметност, „Центар Помпиду“, чија колекција е најголема во светот заедно со онаа на MoMA во Њујорк, ги затвори вратите во понеделникот за претстојното петгодишно реновирање. Публиката до понеделникот во 21 часот ја имаше последната шанса бесплатно да види голем број ремек-дела на уметници како Фрида Кало, Салвадор Дали, Френсис Бејкон, Анри Матис, Пабло Пикасо, Ворхол, Константин Бранкуси… со културна програма, разни диџеи, перформанси и креативни работилници.
Приближно две илјади уметнички дела постојано изложени на 12.000 квадратни метри на четвртото и петтото ниво ќе бидат пренесени во магацини, депоа и во други музеи во Париз и Франција или во странство.
– Оваа колосална операција траеше со месеци – објасни Клер Гарние, директорка на продукцијата.
Преместувањето на огромните инсталации како оние на германскиот уметник Анселм Кифер ќе бара, на пример, отстранување на прозорците на зградата.
Пошироката јавност, сепак, допрва ќе може да се восхитува на дел од колекцијата, која вкупно има околу 150.000 дела, во реновираниот „Гранд пале“ во Париз, каде што веќе се закажани неколку големи изложби.
– Делата ќе бидат видливи и во странство благодарение на партнерството меѓу „Центарот Помпиду“ и Малага, Шангај, Брисел и во големите музеи во САД, Австралија, Јапонија и Европа – објаснува директорот на музејот, Ксавиер Реј.
За време на периодот на реновирање и благодарение на програмата „Констелации“, целокупниот дух на „Центарот Помпиду“ ќе се прошири низ Франција и во странство.
Центарот, отворен на 31 јануари 1977 година, целосно ќе се затвори на 22 септември со својата последна привремена изложба, поради реновирањето што ќе трае до 2030 година. Според некои процени, ќе чини околу 260 милиони евра. Работите ќе опфатат отстранување на азбестот од зградата, исполнување на безбедносните, техничките и енергетските стандарди и правење на музејот достапен за лицата со намалена подвижност.
Првично беше планирано да се започне со реновирање порано, на крајот на 2023 година, но одлуката беше сменета поради Олимписките игри што се одржаа во француската престолнина во текот на летото 2024 година.
Поради својата постојана изложба, претежно со светски ремек-дела, тематски, проблемски и ретроспективни изложби, кои дадоа силен придонес во развојот на историјата на уметноста во 20 век, библиотеката „Кандински“ (центар за документација и истражување со специјализирана библиотека) и разновидните програми (претстави, филмски ретроспективи, предавања и симпозиуми), музејот е едно од највлијателните места посветени на модерната и современата уметност, а самиот центар е едно од најпопуларните културни места во светот.
Со просечни четири милиони посетители годишно, огромната разнобојна тубуларна зграда, дизајнирана од архитектите Ренцо Пијано и Ричард Роџерс, стана едно од најпосетуваните места во Париз, иако на почетокот на изградбата објектот наиде на многу критики.
Името го носи по Жорж Помпиду, кој ја иницираше идејата за изградба на центарот за време на неговиот претседателски мандат. Ова уникатно и пионерско место за модерна и современа уметност во светот, познато е и како Бобур, поради истоимената област во која се наоѓа.
– Постои пред и потоа. Музејот на модерна уметност беше првиот знак за длабока промена во сите други музеи низ светот – истакна Бернард Блистен, кој посвети 23 години од својот професионален живот на музејот, вклучително и десет години на чело на институцијата.