Фото: „Нова Македонија“

Од Регулаторната комисија за енергетика, за „Нова Македонија“ потенцираат дека се свесни за забелешките на граѓаните, но истакнуваат дека веќе подолг период, и пред повеќето претставки да дојдат до нив, тие работат на „промени на одредбите што ќе водат кон поредовно отчитување на броилата за потрошувачка на електрична енергија“. Во согласност со информациите што ги добивме од Регулаторната комисија за енергетика, со промени во процедурите ќе се овозможи месечно читање на струјомерите, што се очекува да води и кон пореални сметки за потрошувачите

Повод: Писмото на Здружението на инженери на Македонија со предлози за надминување на проблемот со високите сметки за струја

Промените во цените на енергијата и високите сметки за струја предизвикаа бурни реакции кај граѓаните. Реакциите сѐ уште не стивнуваат најмногу поради висината на сумата што треба да ја платат граѓаните за потрошената електрична енергија. Граѓаните се револтирани поради фактот што се очекуваше благ пораст на сметките, а најголем дел од нив имаат двојно повисоки сметки од претходно иако потрошувачката на енергија им е на слично ниво.
Но по многубројните и бурни реакции од граѓаните и протестите пред седиштето на компанијата што испорачува енергија до домовите, како и преку претставки до институциите и медиумите (како што беше и вчерашната на Здружението на инженери на Македонија доставена до редакцијата на „Нова Македонија, што содржеше и предлози за надминување на проблемот со високите сметки за струја), се најавуваат промени во законите што би требало да донесат промени на терен. Но факт е дека во Регулаторната комисија за енергетика веќе одамна работат на „промени на одредбите што водат кон пореални сметки за потрошувачите“ на електрична енергија.
Од Регулаторната комисија за енергетика за „Нова Македонија“ потенцираат дека веќе одамна работат на промени на одредбите што ќе водат кон поредовно отчитување на броилата за потрошувачка на електрична енергија. Во согласност со информациите што ги добивме со промени во процедурите ќе се овозможи месечно читање на струјомерите, што се очекува да води и кон пореални сметки за потрошувачите.
– Со цел заштитата на потрошувачите, РКЕ веќе ја има отпочнато внатрешната процедура за измена на соодветната легислатива, со што Електродистрибуција ќе биде задолжена да врши месечно отчитување на броилата. Станува збор за процес што е веќе во завршна фаза, при што ќе се направат соодветни измени на правилата за снабдување со електрична енергија – укажуваат од Регулаторната комисија за енергија.

Изминативе денови граѓаните реагираа масовно и револтирано поради високите сметки, кои, како што посочуваа, се премногу набилдани, а дел од нив истакнуваа и дека се соочуваат со тешкотии како да ги намират.
Поднесени се многубројни претставки, како до компанијата што ја испорачува енергијата до домаќинствата така и до регулаторното тело.
А реакција пристигна и од Здружението на инженери на Македонија, од каде што посочија неколку предлози за надминување на проблемот со високите сметки.
– Здружението на инженери на Република Македонија упати претставка до Регулаторната комисија за енергетика со барање за измена на правилата за снабдување со електрична енергија со конкретни решенија за спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН – истакнуваат од здружението во соопштението испратено до медиумите.
Додаваат дека бараат да се изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за преостанатите категории на приклучоци во тарифниот систем за дистрибуција, или во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување.
Од здружението сметаат дека со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година е извршена измена на правилата за снабдување со електрична енергија, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата, па ваквата одлука доведува до неправедно пресметување на сметките, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, со што нивните сметки неоправдано се зголемуваат, овозможувајќи дополнителна заработувачка за ЕВН.

Паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само ±10 отсто пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка, и тоа во износи од: 170 денари за потрошувачи во првиот ценовен блок, 830 денари за потрошувачи во вториот ценовен блок и 8.080 денари за потрошувачи во третиот ценовен блок. Во услови кога, според пописот, во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН има 915.492 броила и ако 80 отсто од домаќинствата најчесто имаат сметки во рамките на вториот ценовен блок, водејќи се од објавата на ЕВН дека само кај 15 проценти од броилата се врши паушално одредување на потрошувачката, тогаш годишната дополнителна неоправдана заработувачка на ЕВН може да изнесува приближно 2.000.000 евра (износот може да биде многу поголем или помал, но секако е неоправдан) – потенцираат од здружението.
Оттаму додаваат дека водејќи се од обврската на РКЕ да го заштити правото на потрошувачите за фер наплата според реалната потрошувачка на електрична енергија ја поднесуваат оваа претставка со која бараат да се изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата. Истакнуваат дека, според нивните очекувања, на овој начин ќе се спречат неправедните наплати и ќе се елиминира дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.

На темата паушални сметки реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така побара редовно читање на струјомерите, за да не се соочуваат граѓаните со шокови поради неочекувано високите цени.
– Упатив многу јасна порака кон ЕВН дека не смее да се случува сметките за потрошена електрична енергија на граѓаните да се зголемени поради нередовно читање на броилата. Ваквиот тип однесување е непочитување кон Владата, бидејќи е непочитување кон граѓаните кои ја избрале оваа влада. Ако продолжи ваквото однесување, а мислам дека нема да продолжи, државата има механизми како да се заштити и ќе се заштити – кажа Мицкоски во телевизиско гостување.
Потоа укажа дека бара почитување, бидејќи и тие како влада го почитуваат секој инвеститор и тука се да помогнат за сѐ што треба ако имаат институционален проблем или друг тип проблем.
Изминатиот период дури 15.000 приговори пристигнале во ЕВН во периодот од 24 декември до 25 јануари, 15 отсто се ревидирани според новопрочитаната состојба. Другите биле неосновани, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на потрошената електрична енергија. Впрочем, 345 приговори се поднесени до второстепениот орган РКЕ.
Откако граѓаните се пожалија на двојно повисоки сметки за струја, надлежните констатирале дека некои потрошувачи се нашле во повисоки тарифни блокови, при што ЕВН треба да направи ревизија.

Е.Р.