Шизофреноста на антисемитизмот

Колку и да звучи чудно, денес антисемитизмот како идеологија што го предизвика најголемиот ужас во историјата, на голема или на мала врата, како сакате, се протнува повторно во европското политичко милје… За жал, и во македонското општество. Антисемитизмот нема длабоки корени на македонското поднебје, но во изминативе децении можевме да посведочиме на изблици на антисемитизам, како што беше примерот од оштетувањето на еврејските гробишта во Битола од страна на локални скнинхедси. Деновиве кога еврејската заедница ја одбележува трагичната судбина на македонските Евреи од Втората светска војна, како народ и држава, мора јасно да кажеме: Не!

Антисемитизмот, како една од најапсурдните и најирационални идеологии што некогаш се појавиле на човековата планета, се должи на недостигот од способност за логично расудување и неспособност за согледување на фактите. Со други зборови, антисемитизмот произлегува од глупавоста, односно од немањето или слабото образование, поради што нештата не можеме да ги согледаме разумно. Само на овој начин може да ја разбереме идеологијата што поттикнува омраза и насилство кон некоја личност или народ што имаат поинакви културни или етнолошки карактеристики. Антисемитизмот не е новитет на 20 век, во Европа се појавува во средниот век преку апсурдните толкувања на Новиот завет дека еврејскиот народ е виновен за распнувањето на Исус од Назарет, поради што се создава антагонизам кон Евреите. Ова средновековно толкување е староримската пропаганда по прифаќањето на христијанството како државна религија во Римската Империја. Но доказ дека станува збор за бесмислица и глупост е фактот дека средновековните христијани заборавија дека мајката на Исус беше припадничка на еврејскиот народ. Само замислете, христијаните поттикнуваа омраза и непријателство кон народот од кој произлезе нивниот најзначаен учител.
Оваа средновековна глупавост кулминира со холокауст, најголемиот ужас во човековата историја. Од холокаустот може да осознаеме и уште една суштина на антисемитизмот, недостиг од емпатија, совест, морал и сѐ така до бесконечност.
Многумина пишувале за овој ужас, но ние би потсетиле дека секој детаљ од уништувачкиот процес бил методски испланиран.

Припадниците на еврејскиот народ пристигнувале со возови од Белзец, Собибор и Треблинка, каде што лажно биле информирани дека тоа е само транзитно запирање и дека ќе продолжат кон нивното вистинско одредиште (фабрики во кои требало да работат) по извесно време. Им било укажувано дека нивните алишта ќе бидат дезинфицирани и дека треба најпрвин да се истушираат. Мажите биле одделувани од жените и децата. Сите биле водени во бараките за соблекување. На жените и девојките им била сечена косата. Најпрвин мажите, а потоа и жените, биле водени во простории со тушеви, каде што откако ќе влезеле, им ги затворале вратите и ги вклучувале машините на бензин. Смртоносниот јаглерод моноксид за кратко им ја труел крвта. Во Аушвиц-Биркенау, наместо јаглерод моноксид, бил користен пестицидот циклон-Б. На жртвите исто така им биле вадени златните заби, а телата биле уништувани на различни начини, вклучувајќи масовни палења, кремирање на отворен оган или во специјално дизајнирани печки. Сета облека, пари, злато, накит, очила и други вредности биле сортирани и вратени назад во нацистичка Германија за повторна употреба. Косата од жените била праќана во фирма во Баварија, за производство на перници, перики и фломастери. Возовите што пристигнувале во Аушвиц биле подложни на селекциски процес од страна на СС-докторите, како Јозеф Менгеле. Менгеле никогаш не се однесувал како кон човечки суштества, туку како кон обични предмети за истражување. Во повеќе наврати тој убивал субјекти само да може да ги истражува внатрешните органи. Многубројни се сведочењата како на деца од пет-шестгодишна возраст, им давал инјекција, за по неколку минути тие да умрат. Правел и експерименти со вештачко осеменување девојки, за во подоцнежниот стадиум на бременоста да им предизвика абортус.
Колку и да звучи чудно, денес антисемитизмот како идеологија што го предизвика најголемиот ужас во историјата, на голема и мала врата влегува повторно во европското политичко милје, а, за жал, и во македонското општество. Антисемитизмот нема длабоки корени на македонското поднебје, но во изминативе децении можевме да посведочиме на изблици на антисемитизам, како што беше примерот со оштетувањето на еврејските гробишта во Битола од страна на локални скнинхедси. Како општество мора јасно да укажеме дека во Македонија постојат одредени групации што поттикнуваат антисемитизам, и тоа во формат на културни центри или друштва. Поради оваа замаскираност, антисемитизмот можеби не е толку забележив, но е реален во македонското општество.

Деновиве кога еврејската заедница ја одбележува трагичната судбина на македонските Евреи од Втората светска војна, како народ и држава мора јасно да кажеме дека на антисемитизмот не му е местото во Македонија. Од друга страна, младата македонска популација, особено учениците мора да ги осознаат стравот и ужасот на холокаустот, бидејќи ова е единствениот начин што ќе ги оддалечи од една апсурдна идеологија. Но, за жал, холокаустот како лекција во македонските историски учебници не е доволно застапен, а ретки се и посетите на македонските ученици од средните и основните училишта на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Македонија како држава и нација мора да преземе поголеми активности во спречувањето на антисемитизмот, а најдобриот начин е преку образованието. Осозновајќи ја суштината на антисемитизмот и холокаустот, македонските ученици ќе можат логично да расудуваат и да ги согледаат фактите, со што нема да има услови за индоктринација од страна на апсурдна идеологија, како што е холокаустот.