Фото: Илустрација/Маја Јаневска-Илиева

Семакедонска трибина во Швајцарија

Деновиве во Тринген, Швајцарија, во организација на Македонскиот национален совет, се одржа семакедонска трибина, на која веројатно за првпат во Швајцарија учествуваа македонски активисти од Мала Преспа, Албанија, од Пиринска и Егејска Македонија, и тоа:
– Васил Стерјовски, претседател на единствената македонска партија МАЕИ од Мала Преспа, прв пратеник Македонец во албанското собрание, професор на Универзитетот во Корча, основач на неколку македонски друштва во Албанија;
– Атанас Плоча, заменик-градоначалник на општината Пустец и член на претседателството на македонската партија МАЕИ во Албанија;
– Ристо Џупанов, член на претседателството на ОМО Илинден-Пирин и долгогодишен активист од Пиринска Македонија;
– Јанче Јанис Стрилијанов, основач на КУД „Македонци“ од селото Цармориново, Егејска Македонија, човек за кого е напишана песната „Велат нѐ нема“.
– Ова беше ретка можност на едно место да се слушнат и да се поразговара со овие исклучителни луѓе, Македонци со големо М, борци за правата на македонското малцинство во државите во кои живеат, луѓе што страдале (понекогаш и физички) само затоа што се изјасниле дека се Македонци – велат од Македонскиот национален совет од Швајцарија
Вредните организатори наедно изразија јавна благодарност до сите што ја овозможија оваа трибина, а особено до КУД „Св. Наум Охридски“ на чија покана дојдоа гостите, до сите учесници и оние што помогнаа трибината да се реализира. Според нивните зборови, нивната замисла е ваквиот голем семакедонски собир да стане традиционален, затоа што на едно место се собраа Македонци од повеќе држави, кои дискутираа на теми што нѐ поврзуваат сите, а паралелно со тоа културно-уметничките друштва имаа можност да презентираат дел од пребогатото културно наследство на Македонија и Македонците.