Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена изложбата под наслов „Женско писмо“.
Изложбата се организира во соработка со Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци, а беа изложени дела на 20 жени уметници од Македонија кои се одзваа на објавениот конкурс со цел да се презентира современото „Женско писмо“ во уметноста. Љубителите на уметноста имаа можност да ги видат ликовните ракописи на уметниците: Сузана Ал Салкини, Дивна Пешиќ, Марина Убавкова, Верица Арапова Андонов, Роска Трајкова, Радица Лелова Докузовска, Ана Пановска, Марјана Панова, Тодорка Пејоска , Меланаи Цветковска, Марија Катралова Китанов, Верче Николоска, Нада Ѕмбова , Марија Чепишева, Елена Лазова, Гордана Андова и Јулијана Милкова. Отворањето на изложбата имаше мултимедијален карактер со поетско-музички перформанс и протече во пријатана атмосфера со присуство на бројна публика.
-Денес жените уметници се повеќе ја користат сликата како своевидно писмо, одговор на современите предизвици и општествени промени овозможувајќи простор за женскиот глас да допре врз културата и општеството. Преку традиционални и современи медиуми, нивните дела зборуваат за чуствата на жените, идентитетот и личната слобода. Тие ги поместуваат границите на уметничкиот свет, барајќи да бидат слушнати и разбрани. Уметноста отсекогаш била моќен медиум за комуникација, а за жените уметници, таа често претставува личен и длабок искрен дијалог со светот.Кога жената создава уметничко дело, таа не само што остава свој печат, туку испраќа порака -едно невидливо, но моќно писмо кое ги носи нејзините мисли, чуства и секојдневни борби. Уметничкото дело како „женско писмо“ зборува преку боите, формите и мотивите и сметам дека секое дело има свој сопствен јазик. Женските уметници низ времето користеле разни визуелни елементи за да раскажат приказни кои честопати не можеле да бидат изразени со зборови па затоа мислам дека оваа изложба насловена како „Женско писмо“ е моќен начин жената уметник да остави свој белег во историјата – рече во своето обраќање уметницата Мартина Убавкова претседател на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци. М.М.