Паника во паркот на шарените

Дали Шарената револуција ќе остане една од најголемите тајни операции во Македонија или брзо ќе дојде времето кога ќе бидат разјаснети многу политички околности, финансиски трансакции и учество на странски фактори во неа е прашање што е останато без одговор. Дека ќе дојде денот кога ќе се отворат тие темни страници од најновата македонска општествена историја, надеж даваат процесите во Соединетите Американски Држави, каде што се расчистуваат финансиските активности на УСАИД и Сорос, две фондации што имаат големо влијание во македонските замешателства, вклучувајќи го и маршот на шарените.
Паралелно со разјаснувањето на заднината на Шарената револуција на македонски терен, не би требало да останат под превезот на тајната и настаните од 27 април, кога голема група влезе насилно во Собранието, физички нападна пратеници и ја доведе државата до раб на мала граѓанска војна. Не би било без основа мислењето дека овие настани во кои чадеше Македонија треба да се поврзат и да се набљудуваат како два зависни еден од друг. Без првиот не би бил вториот. Првиот како една од најголемите измами во политичкиот живот на Македонија, вториот како една од најголемите закани по уривањето на демократијата, на уставните институции, стабилноста и безбедноста на државата.
На оние што беа упатени во состојбите во тие бурни месеци уште од почетокот им беше јасно дека Шарената револуција е увозен производ што треба да го продадат домашни трговци. Шефот го најдоа во биографијата на големиот манипулатор, познат аграрен трговец, претседател на моќна, идеолошки нестабилна, непатриотска и национално лабилна партија, подготвен да ги погази принципите на своите претходници.

Повеќе од точно е дека крајната цел на таа драма беа промената на името и членството на Македонија во НАТО, но за таа цел беа жртвувани принципите на правото, правдата, слободата и демократијата. Користа беше за НАТО, штетите за Македонија. Освен што Македонија стана членка на Алијансата, ништо друго добро не се случи во државата. Напротив, долго време ќе треба да се запре надолниот тренд почнат од „револуцијата“ во 2016 година и што трае до денешни дни со сите последици по граѓаните што живеат во оваа несреќна држава.
Фондацијата „Отворено општество“, односно Сорос е поврзуван најчесто со Шарената револуција. Неговите прсти се спомнуваат како главен логистички центар и финансиски поддржувач, за разлика од конците на УСАИД, кои за овој случај останаа непознати. Ако Сорос од формирањето во Македонија во 1992 година вложил официјална бројка од близу 130 милиони долари, неофицијално, како што пишуваа некои медиуми, за активностите и исплатата на „шарените“ дал околу 5 милиони американски долари. Дали се само тие или има и некои други македонските власти никогаш не провериле. Соросови пари уште во 1990-тите години учествувале во разбивање и уништување на поранешните главни медиуми во Македонија и формирање нови, кои се гаснеле набрзо по завршувањето на поставени задачи.
Постојат стотина невладини организации, здруженија, друштва, задруги што се под Соросовиот шинел, што користат негови пари. Но, не е само Сорос што под агендата за развивање демократија, за право и правда, слобода на медиумите и слично, дава неусетен, но максимален придонес во разбивањето на македонското национално ткиво. Не треба да се забораваат други фондации што даваат грантови за проекти што немаат врска со напорите за просперитет. Несомнено дека еден од класичните примери за политичко влијание се грчките (и тие наводно Соросови) пари во износ од 45 милиони долари наменети и потрошени на задачата за промена на името на Република Македонија. Останаа неодговорени барањата да се види колку од тие милиони завршија во нечии џебови во Македонија, каде што додека не се потпиша договорот со Грција јавно финансираа еден дневен весник и неколку портали.
Фондацијата „Отворено општество“ особено во последната декада на политички превирања во Македонија остана фокусирана на поддршката за развој на граѓанското општество. Ги афирмираше вредностите за владеењето на правото, транспарентност и отчетност на властите, за членство на Северна Македонија во НАТО и датум за преговори за членство во Европската Унија. Нивниот фокус беше да бидат поддршка на реформските процеси што ќе помогнат во евроатлантските интеграции на земјата, но и заложбите за овозможување пристап до квалитетни услуги за граѓаните, а особено за маргинализираните групи.

Активно поддржуваше решенија за развој на граѓанското општество, унапредување на здравството и образованието, зајакнување на владеењето на правото, почитување и заштита на човековите права, слободата на говорот, младинската ангажираност, интеграцијата на Ромите и на другите маргинализирани заедници, кои ќе овозможат борба против корупцијата, но и пристап до правда за сите граѓани еднакво.
Но, сето тоа беше во сенка на полуилегалното дејствување во сферата на политиката каде што користејќи свои канали и воспоставени инсталации од личности, организации, партии и институции, фондацијата неселективно форсираше и наметнуваше одредени политички процеси, финансираше кампањи и медиуми. Не е далеку времето за да се заборават кампањите околу поддршката за Охридскиот договор, подоцнежната територијална поделба и како врв околу промената на името. Не би било неточно ако се констатира дека Соросовите филијали и активисти околу сите настани и состојби пласираа и наметнуваа ставови сосема различни од мнозинството од Македонците.

Фондацијата речиси во сите овие 33 години беше поврзувана со Социјалдемократскиот сојуз и со дел од неговите кадри и медиумски поддржувачи. Нема податоци дали инкогнито ја помагал партијата во некоја од изборните кампањи, нешто што е тешко за дознавање бидејќи тие активности се одвиваат низ низа финансиски лавиринти во кои се губи трагата на парите. Сигурно не е случајно што и во најновиот состав на раководството на СДСМ се вклучени кадри воспитаници на Сорос, што можеби беше предност при изборот, но сега, во новата ситуација, Соросовиот багаж може да биде тежок товар.

Во последниве две години, од почетокот на војната меѓу Украина и Русија, добар дел од Соросовите и прозападните политички и медиумски испостави во Македонија шират русофобија, зборуваат за дејствување на руска агентура, за давање руски пари на помали политички партии и вложување во медиуми. Но, истовремено со недокажаните обвинувања за ширење на руската пропаганда, американски и прозападно ангажираните политички соработници, аналитичари, информатори и корумпирани медиумски имиња станаа валутни богаташи. И Македонци и Албанци.
Одлуките што ги носи администрацијата на претседателот Доналд Трамп во врска со субверзивните активности на УСАИД и на Сорос низ светот, укинувањето на нивната финансиска поддршка предизвикува паника и во редовите на инспираторите, организаторите и реализаторите на Шарената револуција, на измамата што заведе илјадници чесни граѓани. Многумина не спијат мирно загрижени што ќе се затворат каналите за нивна парична корист, а ќе се отворат мотивите за нивните анационални позиции.