
Повод: Активности по повод јубилејот на клубот за подводни дејности Охрид и третиот конгрес на нуркачите на Македонија
Клубот за подводни дејности Охрид организираше прослава по повод одбележување на 40-годишнината од постоењето (1985-2025) и третиот конгрес на нуркачите на Македонија. Ова беше убава можност да се прикажат историјатот на постоењето на клубот и неговите активност низ минатите години, како и следните активности што му претстојат.
– Огромен е туристичкиот потенцијал на нуркањето. Гостин од Хрватска ни рече дека само 30-40 отсто ни е искористен нуркачкиот туристички потенцијал што го имаме, но сепак треба малку и државата и градот да учествуваат во афирмација на овие потенцијали. Ние сме подготвени да носиме и да пречекуваме туристи нуркачи во секое време, а државата може да помогне во насока на поголема реклама и промоција на туристичките саеми. Убедливо топ локација за нуркање на Охридско Езеро е Трпејца. Има голема длабочина, а нашите нуркачи се спуштаат и до 80 метри со компримиран воздух. Исто така и Свети Наум е локација каде што доаѓаат на нуркање многу странци.
Не можат да веруваат што се има во Охрид. Бистрината и чистотата на езерото се подобри на пример и од црногорското приморје – истакна д-р Горан Балевски, претседател на клубот за подводни дејности Охрид.
Во сите големи туристички центри нуркањето зазема едно од првите места во понудата на хотелите и туристичките водичи, вели Емил Јовановиќ од клубот за подводни дејности Охрид.
– И во Охрид со текот на времето ќе се валоризира нуркањето и овие напори што ги правиме сите овие години да го заземе своето место и туристите да можат да видат што се нуди Охридско Езеро, бидејќи е уникатно и единствено. Ова што го имаме ние го нема никаде во светот, видови риби, сунѓери, полжави. Сето тоа е уникатно и не може на ниту едно друго место во светот да се види. Мора да се посвети внимание за поголема промоција на езерото и на она што е во него – додава Јовановиќ.
На свеченоста беа врачени и благодарници и признанија, а за одбележување е донацијата од два подводни скутера од страна на компанијата „Нула отпад“, која веќе подолг период ја поддржува активноста на клубот Охрид. Овој пат, како што беше истакнато, таа со овие скутери им посака на вредните домаќини уште поголеми успеси во работата.
Вреди да се истакне и успешната еколошка акција за чистење на езерото од разни видови отпад, која ја спроведоа нуркачите во рамките на манифестациите за одбележување на јубилејот. П.Р.
