Овој турнир е еден од најсилните во Европа, кој патем носи бодови за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес
ТАЕКВОНДО-ТУРНИР „БУГАРИЈА ОПЕН Г1“
Македонската таеквондистка во кадетска конкуренција А-класа, Ведрана Тунески (категорија до 44 кг), со четири супериорни победи стигна до златен медал на меѓународниот таеквондо-турнир „Бугарија опен“ во Софија, кој е од серијата Г1-турнири. Овој турнир е еден од најсилните во Европа, кој патем носи бодови за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес.
Тунески од ТК Бутел од Скопје е и пионерски медалист од настап на Европско првенство (ЕП). Таа, до златото во Софија, ги победи Марина Боновска (2-0) од Бугарија, Маша Зорица (2-1) од Србија, Карина Довжањин (2-1) од Украина и во финалето Нина Грујиќ (2-0) од Србија.
– Македонија има сериозна олимписка надеж, без калкулации и заобиколувања. Ведрана е олимписка надеж во олимписки спорт – велат од Македонската таеквондо-федерација.
Тие не го криеја свето задоволство и од настапот на Андреј Василевски, кој го освои вториот медал за Македонија на овој турнир, бронзен, во категоријата до 59 кг, во А-класа. Тој стигна до медалот победувајќи ги Иван Начев (2-1) од Бугарија и Кристос Константину (2-1) од Кипар, а во полуфиналето загуби од Мило Морато (0-2) од Франција.
Вчера попладне на татамите требаше да настапи и нашата голема надежна олимписка двојка Милијана Рељиќ и Дејан Георгиевски, како и Горјан Бадаровски, Давид Божинов, Лука Ангелов и Филип Блажевски. Г.И.