Поштенскиот систем не бил отсекогаш само за испраќање писма и пакети туку станал дел од некои од најнеобичните и најхрабри потфати. Од бегство до слобода, преку транспорт на градежни материјали, до испраќање кралски накит, поштенските пратки низ историјата покажуваат колку биле снаодливи луѓето кога станува збор за испораката.
Поштата отсекогаш била пресудна за комуникација и трговија, но имало и поединци што ги тестирале нејзините граници на крајно необични начини. Од инкогнито испраќање живи животни, преку цели згради, до скапоцени дијаманти – некои пратки предизвикуваат чудење и восхит.
Испраќањето луѓе по пошта станува нелегално
Еден од најпознатите примери за невообичаено користење на поштенските услуги е забележан во 1849 година, кога Хенри Браун, познат и како Бокс, роб од Вирџинија, избегал во слобода. За само 86 долари се спакувал во дрвена кутија со шише вода и бисквити и се „испратил“ на север. Ова 27-часовно патување вклучувало возење во вагони, возови и пароброди, а кутијата често била превртувана наопаку. Сепак, Браун успеал да остане незабележан и конечно пристигнал во Филаделфија како слободен човек.
Слична, но не помалку неверојатна приказна се случила во 1914 година, кога родителите на петгодишната Шарлот Меј Пирсторф решиле да го искористат поштенскиот систем, бидејќи било поевтино да се испрати девојчето по пошта отколку да се купи билет за воз. Меј, која тежела помалку од 25 килограми, била испратена на патување од Грандвил до Левистон, Ајдахо, со тарифа за живина. По пристигнувањето, поштарот лично ѝ го доставил пакетот на баба ѝ. По овој инцидент, шест години подоцна, испраќањето луѓе преку пошта станало нелегално.
На почетокот на 20 век две суфражети го искористиле невообичаеното правило да се испраќаат луѓе по пошта и имале обид да се испратат самите кај британскиот премиер на Даунинг стрит 10. Иако уредно ја платиле поштарината, тие биле одбиени на влезот и вратени во поштата.
Змии и алигатори во пратките
Поштенскиот систем се користел и за транспорт на необични предмети, вклучувајќи егзотични животни и цели згради. Во 1917 година, претприемачот В.Х. Колтарп испратил повеќе од 80.000 тули потребни за изградба на банка во Вернал, Јута. Овој потфат ја инспирирал поштенската служба да воведе нови правила што ја ограничуваат тежината на пакетите, со што се спречуваат слични обиди.
Порано преку пошта се испраќале и живи животни – алигатори, желки и змии. Еден од најбизарните случаи се случил во 1924 година, кога Белата куќа добила на подарок алигатор што пристигнал по пошта. Уште поголем хаос избувнал во 1926 година, кога змии се извлекле од пакетите во поштата во Лос Анџелес, предизвикувајќи паника меѓу вработените.
Синиот дијамант „Надеж“ од 45,52 карати, познат по своето мистично минато, кое датира од 18 век, бил испратен по американска пошта до институцијата „Смитсонијан“ во 1958 година, каде што останува до денес. Трговецот Хари Винстон го осигурил на еден милион долари, но сепак го испратил пакетот со вообичаена поштарина од само 2,44 долари. Поштарот што го доставил пакетот не знаел дека носи еден од најпознатите дијаманти во светот.
Уште еден фасцинантен пример доаѓа од Обединетото Кралство – најголемиот дијамант што е пронајден, „Калинан“, бил откриен во Јужна Африка и купен како подарок за кралот Едвард Седми. Откако пристигнал во Амстердам на сечење, дијамантите добиени од него денес ја красат британската кралска колекција.