Имаме ли навистина победнички адут во рака?

Во раните 1980-ти, американскиот астрофизичар Мелвин Фридман беше заинтересиран за минералите од „Алшар“, особено за лорандит, со цел да ги користи минералите на талиумот од „Алшар“ како детектори за неутрина, кои потекнуваат од Сонцето. Во 1978 година беше одржан и таен состанок на Владата на тогашна СФРЈ за да се разговара за тоа дали рудникот „Алшар“ треба да ѝ се отстапи на американската вселенска агенција НАСА за истражување, заради користење на лорандитот за вселенски цели. Сепак, конечна одлука за тоа не беше донесена никогаш

Во светот започна трескавична трка меѓу САД, Кина, Русија и другите економски и технолошки најразвиени држави во светот по ретките минерали, исклучително важни за високата технологија, автомобилската индустрија, енергетиката… А сончевиот камен, како што напати се нарекува реткиот минерал лорандит, сега, според неговите својства и мислења на некои експерти, е интерес над сите интереси.
Тој е многу редок минерал, за кој е утврдено дека на целата планета го има само во Македонија или можеби уште во Шри Ланка, но ова второво треба допрва да се потврди или да се отфрли. Според експертите, моќта на лорандитот се огледа во тоа што единствено тој природен минерал во светот ги препознава реакциите што доаѓаат директно од јадрото на сонцето. Затоа и се означува како природен геохемиски детектор на најситните честички на сонцето – неутрината, што значи дека единствено тој во експериментите во светските лаборатории може да ги препознае силината и моќта на реакциите на сонцето. Истражувањата треба да докажат дека од тие реакции може да се добие таканаречено „вештачко сонце“, кое би создавало огромни количества енергија за потребите на секоја држава во светот.
Со процесите на фусија и фисија и цепење на јадрата на лорандитот се претпоставува дека е можно да се ослободи енергија, која во ерата на сѐ поголема употреба на алтернативни извори на обновлива енергија е повеќе од важна.
Неверојатната моќ на лорандитот во своите уметнички дела ја има прикажано и академскиот сликар Ацо Станковски, кој режираше филм за моќта на овој минерал.
– Постојат низа неверојатни приказни за интересот на странските разузнавачки служби за „Алшар“. Тие сигурно ја знаат вредноста на тој минерал, со чија помош може да се прават експерименти за истражување на вселената, што е во интерес на нивните вселенски програми. Со употреба на минералот може да се забележат најстарите процеси во вселената, а веројатно и да се користи за испитување и на радијација – има посочено уште порано Станковски. Според него, интересот за реткиот лорандит произлегува и од сѐ позасилените истражувања на можностите на антиматеријата, за кои се претпоставува дека се извршени во различни високоопремени експериментални центри во светот.
Но, еве, нешто и повеќе и посериозно. Имено, Миодраг Павиќевиќ, Тобијас Неке и повеќе други експерти за геологија, минералогија и хемија, како автори во три одделни научни студии, објавени од 2018 до 2021 година, имаат констатирано: „Минералот лорандит (TlAsS2) е фасцинантен и многу важен за фундаменталните научни истражувања, бидејќи може да се користи за одредување на неутронскиот флукс од Сонцето. Експерименталните резултати потврдуваат дека проучуваните монокристали на лорандитот ги исполнуваат сите структурни и хемиски барања, за да се користат како природен минерал, кој овозможува да се одредат флуксевите на соларните неутрино-честички“.

Во својата аналитичка статија со укажувачки наслов „Алшар: пат до сонцето, пат до голем профит“, објавена на 17 октомври 2012 година нa блог-страницата „Предизвици на иднината“ („Future Challenges“), Илина Мангова, политиколог и магистерка по споредбена политика – демократија на Лондонската школа за економија и политички науки во Лондон, нагласува дека лорандитот ја крие тајната на она што се случува внатре во сонцето, но и можеби тајната на брзите економски придобивки за Македонија.
– Лорандитот може да ни помогне да ги разбереме процесите што се случуваат внатре во сонцето. Има само едно место во светот каде што овој минерал може да се најде во најчиста форма и во толку огромни количини. Тоа место е Алшар и се наоѓа во планината Кожуф во Македонија. Лорандитот е важен за науката бидејќи ја држи честичката неутрино, позната по тоа што може да генерира „сончева енергија“. Македонија никогаш не ги експлоатирала овие наоѓалишта богати со злато, арсен, антимон и талиум. Ниту комерцијално, ниту научно. Само еден истражувачки проект беше започнат во последните години на обединета Југославија, но оттогаш досега нема ниту еден истражувачки проект, финансиран од државата. Можеби Алшар не ја чува само тајната на сонцето, туку и тајната за економското заживување на Македонија – заклучува Мангова во својата статија.
Како и да е, сега може со помалку неверици во потенцијалот на македонските ресурси да се заклучи дека и Македонија има свој „адут ресурс“, со кој може (барем искрено верувам во тоа) рамноправно да се вклучи во светската енергетска, технолошка и научна трка.
За потсетување… Во раните 1980-ти, американскиот астрофизичар Мелвин Фридман беше заинтересиран за минералите од „Алшар“, особено за лорандит, со цел да ги користи минералите на талиумот од Алшар како детектори за неутрина, кои потекнуваат од Сонцето. Во 1978 година беше одржан и таен состанок на Владата на тогашна СФРЈ за да се разговара за тоа дали рудникот „Алшар“ треба да ѝ се отстапи на американската вселенска агенција НАСА за истражување, заради користење на лорандитот за вселенски цели. Сепак, конечна одлука за тоа не беше донесена никогаш.

Исто така и Клаудио Туниз, Џон Р. Бирд, Дејвид Финк и Грегори Ф. Херцог во својата научна монографија со наслов „Акцелератор за мас-спектрометрија – ултрасензитивна анализа за глобалната наука“ од 1998 година укажуваат на важноста на македонскиот минерал лорандит за научните и вселенските истражувања, кои ги вршат Соединетите Американски Држави. Со голема сигурност се наметнува претпоставката дека денес можеби е уште поголема потребата за македонскиот лорандит од страна на САД, стратегискиот партнер, но веројатно и новиот геополитички сојузник на Македонија во нејзината битка за политички опстанок и економски просперитет.
Македонија им беше коспонзор на САД за нивната резолуција за Украина во Организацијата на Обединетите нации. Остана фактот, вџашувачки за Европската Унија и нејзините водечки држави, дека Република Македонија со своето коспонзорство во прилог на САД направи решителен и стратегиски исчекор, напоредно со евроинтеграцијата, и во насока, би ја нарекле, на мултиинтеграцијата: економското, стратегиското и друго поврзување и со други светски сили, пред сѐ со САД. Лорандитот од македонски „Алшар“ може да биде не само пат до откривање на тајните на Сонцето туку и пат и можност за уште поголемо геостратегиско, политичко и економско-енергетско доближување до официјален Вашингтон. Лорандитот може да претставува еден од македонските адути во оваа насока и за можно идно соспонзорство и од страна на Соединетите Американски Држави за македонска резолуција кога ќе дојде моментот да се гласа во Генералното собрание на ООН и за поништување на „добрососедските договори“ и за враќање на името Македонија.

Свето Тоевски