Дали треба да се учи филозофија? Да, но како?

Салвадор Дали велел „ако постојано мислиш дека си гениј, еден ден ќе станеш“. Па, тоа е филозофија, мудрост на практичниот живот. Може ли да се биде уметник, писател, новинар или политичар без филозофија? Разузнавачите се извртена филозофија. На Виенскиот универзитет за економија велат „иднината е иновација и само иновација“. Филозофијата е примордијална иновација. Одење на Марс – е филозофија. Изборот на Трамп е филозофија. БРИКС е филозофија (дијалектика). Европа ќе се спаси само со филозофија

Самото поставување на прашањето дали да се учи филозофија или не, ме наежува. Ме прави смален. Кво вадис? Лоботомија. Без филозофија си робот-војник. Без филозофија си постхумен. Овој свет сака егзекутори, а не креатори. Знаење без разбирање. Постои војна меѓу парите и филозофијата. Нема филозофија – нема патриотизам. Дежа деконструи! Дури и џихадистите терористи знаат филозофија (Кутб, Мавдуди, новохегелијанци). Еден од нивните аргументи против Западот и либералкапитализмот е – незнаењето. Зар сме под нив? Имаше неколку интересни дебати на телевизија со доста сложен јазик и 90 отсто од луѓето не можеа да ги разберат, па си велат „бегај, уште ова ни треба за децата“.
Јас можам да ви го кажам моето мислење на прост начин, а вие одлучете. Чекај, чекај – зошто вие да одлучите? Гледате? „Можам-не можам“, тоа е релативизам. Или „да и не“! Ете, почнуваме со релативноста. Значи релативноста има две спротивности – да и не. Кога одите на пазар не мислите на филозофија, ама релативноста е во потсвеста. Дали да купам спанаќ или грав? Утре компјутерџиите ќе прават програма со генеративна артифициелна интелигенција (ГАИ) за да направат робот пазарџија. Задутре – робот град. Дизајнерите мора да учат филозофија и логика. Како доктор често велев „може-не може“ и „да и не“. Сега има роботски операции, но кој ги прави роботите – филозофски математичари (систем-инженери). Уште повеќе – докторот мора да учи етика. Дали докторот ќе стане „поетичен“ ако учи етика? Секако, докторот е етичен и без да учи етика – ама дали може да биде подобар ако дебатира за неа? Прв Хераклит „да-не“ го викал дијалектика. Понатаму – компјутерџиите денес знаат дека истовремено може да биде и „да и не“. Како? Истовремено? Тоа се вика „квантна суперпозиција“ и компјутери на таа база користат кјубити и сателити за квантен интернет– во иднина основа на компјутерите и секој ќе мора да ги знае. Пазете, Кинезите се моментално најјаки во таа област – Илон Маск ќе мора да се намачи за да ги стигне (без говори и салутирања). Кинезите одлично ја знаат и старата кинеска филозофија, а и европската и индиската и модерната филозофија. Бог ја сака филозофијата. Бог е еден, а верниците разни. Дали филозофиите се исти? Која од нив е „подобра“? Кога еден ден ќе учите во Кина или во Индија – кој морал ќе го примените? Значи – филозофија на компјутерите, медицината, артифициелната интелигенција, религијата, математиката, политиката и натаму…. мора да ја вежбаме односно да ја учиме. Понатаму: Видовме дека не е проблемот дали треба да се учи, туку како се учи. Одговорот е со најмалку два проблема: стереотипност и патолошка опширност.

Прво, стереотипност: Стереотипноста на предавање и учење кај нас е стара болест во наставата. Ако наставникот ја каже лекцијата како митралез – та-та-та-та и – крај на лекцијата, вие можеби ќе следите или дремете и ако во главата утувите дека овој предмет е досаден – готово! Никогаш нема да посакате да го разберете, а камоли да го научите. Поради такво „машинско“ неинтересно предавање, јас мразев историја во основно, сѐ додека не дојде еден наставник Крсто, кој предаваше интерактивно, интересно, холивудски – како „филмчиња“. Сега ја обожавам. Пред да одам во пензија добив задача од американска институција да смислам метод за „креативно предавање“ (creative teaching). Многу размислував и на ум ми паднаа две идеи. Прво, децата (студентите) да држат предавања наместо професорот, без формални рамки, тој да посматра, а другите да прашуваат. Така концентрацијата и деталите ќе бидат огромни. Втората е – игри – тогаш со компјутери и таблети. Јас не ги правев игрите, туку студентите. Требаше да се поврземе со МИТ (Бостон), но доживеав измотавање и – толку.
Второ, опширност: Ако книгата има 500 страници, а имате уште десет други предмети, немате време ни да прочитате. Помнам кај моите ќерки еден учебник (професорот ми е пријател, но не ме слуша) од 450 страници, дури и за студенти тежок, а беше за петто одделение. Ни наставниците не можеа да го разберат. Еден друг обратен случај, една книга од академикот Митевски, веќе не се сеќавам на насловот, на 100 страници напишал извонредна книга за класична филозофија. Значи, може да биде кратко. Уште пократко, Нејгел има напишано книга под 50 страници – фантастично. Има книга „Philosophy for Dummies“, извонредна, но малку е долга. Има и стрип за историја на филозофијата што фасцинира како е можно сѐ да се каже во овој облик. Со еден збор – моќта на презентацијата. Прочитајте ја книгата „Светот на Софија“ од Јустејн Гордер и направете учебник од тоа. Задолжително најдете ја и прочитајте ја книгата „Како да размислуваш како Ајнштајн“ од Скот Торп. Оваа книга не е филозофија, туку за практичен живот и како да размислувате креативно. Салвадор Дали велел „ако постојано мислиш дека си гени, еден ден ќе станеш“. Па, тоа е филозофија, мудрост на практичниот живот. Може ли да се биде уметник, писател, новинар или политичар без филозофија? Разузнавачите се извртена филозофија. На Виенскиот универзитет за економија велат (познавам дипломци) „иднината е иновација и само иновација“. Филозофијата е примордијална иновација. Одењето на Марс – е филозофија. Изборот на Трамп е филозофија. БРИКС е филозофија (дијалектика). Европа ќе се спаси само со филозофија. Менување грб, устав и химна – е филозофија. Овде предлагам и два факултативни предмета: креативност и иновациско предавање. Јас учев од Јонче Јосифовски, но таа книга ја нема да се најде. Книгата на Кирил Темков е извонредна, можеби малку треба да се скрати поради оптовареноста.

Е, сега главното – дали треба да се учи филозофија или не. Во мое време, социјализам или псевдокомунизам, се имитираше светот и програмите беа копирани од класични школи – германски и француски, а математиката беше руска. Филозофијата се учеше историски негде сѐ до Маркс, а подоцна и до Ниче. После – празнина. Дојде во гимназијата тогаш младиот професор Кирил Темков, со кого подоцна сите станавме пријатели. Работите радикално се променија. Зборувањето му беше мошне интересно (драматично, „холивудски“) и воведе нови модерни работи за тоа време (сметајте тоа беше пред во 1960-тите години) – од Киркегард, Јасперс, Сартр, Канети, Хајдегер, Макс Вебер, Емил Сиоран, Мерло Понти, Маркузе, Алтузер, Симона Веил, па дури и Рене Генон и Џулиус Евола, руски филозофи, Клод Леви Штрос, Кристева, Ружмон, па Хабермас, Раулс, Крипке, Фуко, Дерида, Делез, Жак Атали итн. Немаше мачни испитувања, секој ќе кажеше нешто и… Темков стана најпопуларен професор кај учениците.
Кога се раѓа дете, изгледа како ништо да не знае (по Лок – празна табла на која се пишува). Експерти мислат дека постои интуиција и/или потсвест, а Кант вели дека сѐ е априори и во интуиција. Бебето мрмори „ма-та-бууу-еиии“, што мене ми личи на јазиците на примитивни народи. Бројки учи со прстите, а примитивните народи од предметите и животните – еден, два и многу. Во некој почетен когнитивен стадиум – детето почнува да прашува „зошто“. Зошто на небото има звезди, зошто светат, зошто е ова сино или зелено, подоцна – зошто сите луѓе не се деца, зошто се караат, зошто има војни, зошто има или нема љубов, зошто таа доаѓа без да се учи, зошто сите одат во градовите, зошто нема доволно пари за да купиш сѐ, зошто има немање, зошто има маж и жена, зошто тато ја кара мама дека многу троши, зошто ја кара дека е многу самостојна како машко, па зошто едни се сакаат, а други се мразат, зошто да учам, зошто едни имаат а други немаат, зошто лошото трае, зошто оној чичко во црна лимузина е поважен од тато, зошто оној чичко со руса коса вели дека ќе го менува светот… Потоа иде „што“. Што е овој предмет, што е автомобил, што е разликата од коњ, што е мисла, волја, сила, интенција, физика, метафизика, математика, што е заедница, што е разликата меѓу заедницата и општеството, што е морал, што е разликата меѓу моралот и политиката, што ги прави некои политичари неморални, што е Бог, што има разлика меѓу христијани, муслимани, Евреи, Индуси, таоисти, што е разликата меѓу религија и политика, што е во моралот неморал, зошто е неморалот посилен, што е посилно од неморалот, што е фашизам, што е нацизам, што е комунизам, што е тероризам…. Таткото се нервира и вели „доста филозофираш“. Ааа, значи филозофијата не е само предмет во гимназија, туку и секојдневен живот. Што во животот? Мозокот. Треба да научиш како да мислиш! Што збориш, бе татко – ќе ми стават чип во главата, па ќе мислам? Ммм, не, не. Мора да мислиш со свој ум.

Но мора и да научиш како да мислиш со свој ум. Од умен да станеш поумен. Да станеш критичен. Како се станува умен и критичен? – Со учење, посматрање, мислење, читање, прашување – многу важно прашувај-прашувај, биди другар со попаметен од тебе, професорот е светец (па макар и ако вика, иако не треба), дебатирај, не се согласувај, следи актуелни ситуации, шетај по светот (да, да – филозофија се учи и со шетање), учи јазици, култури, математика… Едно провокативно прашање: Дали да се учи Маркс? Интелигенцијата ќе се фати за глава. Но нобеловецот Самуелсон (татко на американската економија) го ценеше многу. Некогаш го читав, па го напуштив. Но Маркс и т.н. комунизам се два различни света. На стари години читкам понекоја страница. Импресивен тип. Прочитајте гои „Комунистичкиот манифест“ и „Критика кон филозофијата на Хегеловата доктрина за држава“ („Раните трудови“), без предрасуда. Занимавајте се.
Еден современ човек мора да знае три работи: англиски, вештачка интелигенција и економија. Без овие, човек е неписмен. А учење филозофија? Задолжително. Филозофијата е и воспитување – каков да биде односот кон фамилијата, пријателите, професорите, војната, тероризмот, дрогата, сексуалните девијации, токсичните влијанија на политиката и каде сме ние во објективниот универзум. ВАЖНО: Да не се предава на стар начин туку интерактивно, со прашања, многу прашања, креативност, со актуелности, сегапостоење, утрепостоење, ние сме утребитија, а не само како било и што било. ЗАДАЧА: Научи 10 најважни филозофи во историјата, научи 10 филозофски поими, научи 10 логички поими, кажи 10 работи што се најважни во твојот живот, измисли 5 работи или искази што не ги смислил друг, наброи 10 неправди во твојата земја и во светот, што би направил ако имаш 10 илјади долари, сретни барем еден значаен професор по филозофија, сретни барем еден значаен човек од која било област, помагај, одгледај фамилија или некого и научи барем еден јазик од ГАИ.

Професор д-р Самуел Колономос Садикарио